„Значи заради нас, нашите перформанси, Договорот од Преспа, плус реформите, имаме позитивен амбиент. За жал, констелациите не се добри, затоа и е отворена оваа дебата. Под констелации мислам на Албанија, српско-косовското прашање и слично“, вели премиерот Зоран Заев во интервјуто за „360 степени“, прашан да процени, врз основа на контактите со Меркел и со Макрон, за тоа колку се реални шансите во јуни земјава да добие датум за почеток на преговорите.
Сепак, нагласува Заев, тој е оптимист дека Европската унија нема во ниту еден момент да дозволи, по 14 години статус на кандидат и позитивни препораки од 2009-та наваму, позитивната одлука за земјава да биде повторно одложена. Тоа, вели премиерот, не е во полза ниту на ЕУ, ниту на нејзините принципи. „Договореното е ако ние испорачаме и тие да испорачаат, било за која земја, тоа важи, секако, и за нас“, вели Заев.
Тој објасни дека периодот е комплициран поради европските избори – кои завршуваат на 26-ти мај, потоа објавувањето на извештајот на 29-ти и периодот на дискусија на Бундестагот за усвојување на извештајот, кој ќе трае само од 3-ти до 6-ти јуни. Втората сесија, вели Заев, им е крајот на јуни, па оттаму тој ги употребува „летото“ и „јули“ како период во кој ја очекува позитивната одлука.
„Нема ниту претседател, ниту канцелар, ниту премиер, којшто нашите перформанси ги става како причина, тоа е сè ок. Генерално, само заради констелации со сите други, ќе се знае точно кога ќе биде одлуката. Оваа година ние ќе добиеме позитивна одлука, односно одлука за отпочнување на преговорите, којашто јас верувам дека ќе биде јуни или јули“, оптимист е Заев.
Тој порача и дека треба да се има разбирање и да им се остави простор на европските лидери да го изменаџираат процесот со сите проблеми и отворени прашања на Западниот Балкан и актуелните состојби во Албанија, но не по цена „да не добиеме потврда на она што ни е заслужено“.