По долго чекање, PayPal официјално ќе стане достапен за користење во нашата земја почнувајќи од идната недела. Гигантот додаде уште 10 нови земји, меѓу кои е и Македонија, пренесува GSM Macedonia.
Со додавањето на новите земји, PayPal сега е достапен во над 200 земји низ светот, поточно во 203 земји. Меѓу новите земји се Белорусија, Македонија, Молдавија, Црна Гора, Монако, Камерун, Брегот на Слоновата Коска, Зимбабве, Парагвај и Нигерија. Последната земја е всушност најголемиот пазар додаден од PayPal, со над 60 милиони активни интернет корисници.
PayPal нема да ги направи достапни сите сервиси оддеднаш во нашата земја, туку ќе ги имплементира со текот на времето. За почеток, Rupert Keeley од PayPal вели дека ќе можете да „праќате пари“, односно да плаќате на одобрени интернет локации кои поддржуваат PayPal.
Според информациите кои ги добивме, македонските корисници ќе може официјално да започнат со креирање на нови PayPal акаунти од Македонија почнувајќи од идниот вторник, во 10 часот по наше време. Напомена: Доколку веќе имате акаунт, ќе мора да отворите нов за да ја одберете нашата земја.