По синоќешниот земјотрес во Битола превентивно затворена е една детска градинка која работи во состав на детските градинки „Мајски цвет“, а одлуката е донесена со цел да стручни лица да извршат дополнителна проверка за безбедноста на детската градинка, изјави градоначалникот Тони Коњановски, по состанокот на општинскиот кризен штаб во проширен состав, на кој главна тема беше состојбата во градот по вчерашната серија земјотреси на македонско-грчката граница.
На прес конференцијата, Коњановски потврди дека веќе е формирана мешовита стручна комисија за утврдување и проценка на штета по синоќешниот земјотрес во тој град.
„Синоќа излеговме на терен, ги обезбедивме сите информации од Итната медицинска помош и противпожарната единица и како Кризен штаб заклучивме веднаш да се формира комисија за проценка на штетите во која ќе учествуваат и претставници од Институтот за земјотресно инженерство во Скопје. Важно е дека по синоќешниот земјотрес нема повредени лица, а за штетите во домовите на секое семејство ќе има соодветно обесштетување“, посочи Коњановски.
Земјотресот со магнитуда од 5.3 степени, се случи синоќа во 22:43 часот, со епицентар на 6 километри северозападно од градот Лерин, според Геодинамичкиот инсититут на Националната опсерваторија во Атина. Сепак, истиот ги вознемири и жителите на Битола, Охрид и Кичево, кои, исплашени од тресењето на станбените објекти проследено со силен звук, во голем број ги напуштија своите домови.
Дел од граѓаните пријавија и напукнувања на ѕидовите во некои објекти.
По првиот најсилен земјотрес, до полноќ беа почувствувани уште неколку послаби. Дополнително паника предизвика и тоа што 45 минути по првиот потрес, во Битолско не функционираа и беа во прекин интернетот и мобилните телефони.
Според податоците од Геодинамичкиот институт на Националната опсерваторија во Атина, во првите 40 минути по главниот, во поширокиот регион на Лерин биле регистрирани уште седум позначајни но помали земјотреси, и тоа еден од 4.2, еден од 3.9 и два од 3.5 степени.
И во Лерин дел од жителите ноќта ја поминаа на отворено. Веднаш по земјотресот вонреден состанок одржа координативното тело за цивилна заштита од регионот на Лерин, по чие завршување беше соопштено дека нема жртви, повредени, ниту урнати објекти и некои посериозни штети од земјотресот.
До рано утрово, пак, во поширокиот регион на Лерин биле регистрирани над 50 земјотреси, од кои 11 биле со магнитуда од над 3 степени. За грчките сеизмолози, тоа е знак за оптимизам.
Како што изјави претседателот на Геодинамичкиот институт на Националната опсерваторија во Атина – Акис Целендис, за грчката телевизија „Скај“, интензивната сеизмичка активност покажува дека „сеизмичката низа се одвива непречено“, односно дека синоќешниот бил и главниот земјотрес.
Според Целендис, веројатноста за поголем земјотрес е мала, но помалите земјотреси ќе продолжат и во следниот период, можно е и во следните седмици.
Извор: МИА