Компјутерот ти е спор, а не би требало? Пробај го ова

Решениево предложено овде е премногу чудно и откачено за да го најдеш на интернет.

F-king-Computer[1]

Компјутер ти е жива ствар и знае да пројави проблеми што ни тим од експерти нема да знаат да ги решат. Знам дека е така затоа што добар дел од животов сум користел компјутери на старо, и очекуваните бројни проблеми сум ги решавал (најчесто) барајќи решенија на интернет. Тоа не значи дека текстов нема да биде на  аматерско ниво (да знаеш дали имаш 32-битен или 64-битен Windows ниво) и дека можеби ќе се изнатрескам глупости. Енивеј, има шанси да ви биде еден од најкорисните прочитани текстови на поле „ми кочи компјутерот“.

Проблемот

Сега имам солиден (сакам така да мислам) компјутер, и до пред една година немав проблеми – ми вршеше работа да ви пишувам вака долги воведи секој ден, а во меѓувреме да изиграм понекоја онлајн партија претежно стари игри. Е ама од тогаш, по извесно време апстинирање, кога повторно пробав да ги играм овие игри, работата беше далеку од мазна. Падови во бројот на фрејмови по секунда на секои 15 секунди, комплетно кочење на компјутерот на секои 2 минути и сл. – беше комлетно неигриво.

Тогаш забележав дека не се само игрите – открив дека некој си (тогаш, за мене) мистериозен процес svchost.exe (Ctrl+Shift+Escape > таб Processes > сортирај по CPU) работи во неколку инстанци во позадина на Windows-от (мојот е 7-ца, 32-битен), и дека една од тие инстанци половина од времето ми оптоварува 25% од процесорот (Pentium i3), дури и кога компјутерот не прави ама баш ништо. Очигледно, кога пуштав игри или имав повеќе отворени табови во пребарувач, оптовареноста на CPU-то (јадрото) достигнувала 100%, што беше и директната причина за кочењето.

svchost 25 cpu

Па фатив да гуглам. Предлагаа апдејт на сите драјвери – немаше промена. Скенирав против malware/вируси и секаков инвазивен софтвер со неколку антивирусни програми – без резултат. Го дефрагментирав и хард-дискот (2 цели дена), пак без промена. Направив и триста други дијагностики на компјутерот – сé изгледаше океј. Денови и десеткувани нерви подоцна се откажав.

Допрен од бога

Сé до скоро, јас, компјутерот и фрустрациите од неговото кочење си живеевме во љубовен триаголник, но гуглајќи едно друго мало проблемче, налетав на некој со сличен проблем и нешто што претходно го немав видено (моментот беше баш како она кога се отвара небото, те озрачува сонце, а во позадина пеат ангели). Не ни знам што точно прашуваше несреќникот на форумот, ама некој му имаше вратено: „Did you try replugging the audio jack?“. Овој му имаше одговорено: „THANK YOU, IT WORKS!!!“.

Работи!

Нормално, јас се чудев како може џекот на слушалките да има било каква врска со процесорот, ама уште понормално, бев решен да пробам. Отворив Taks Manager и Processes, и ги исклучив слушалките од џекот на задната страна на компјутерот. И тогаш ТАДААА – CPU оптовареноста на svchost.exe падна на помалку од 1%, а компјутерот живна ко во старите добри денови.

svchost clean
Со исклучени слушалки. Гледате и сами, svchost.exe не користи ни 1% од процесорот.

Барајќи објаснување, налетав и го „инсталирав“ програмчево (ја распакував .zip архивата, не се инсталира)  Windows Process Explorer, кое е бесплатно, го симнувате од официјалната страна на Microsoft и нема вируси, и кое ти овозможува да видиш која операција се одвива зад секој од активните процеси на Windows (ја стартуваш апликацијата, сортираш по CPU, два пати кликаш на проблематичниот svchost.exe процес, па одиш на табот Services во новоотворениот прозорец.

ProcessExplorer 1a

Ги вклучив слушалките одново, и svchost.exe пак рипна до 25%, а процес-експлорерот покажа дека под негова капа почнува да работи одреден сервис под име Audio Endpoint Builder (endpoint e нешто како завршна точка, т.е. излезот/џекот на слушалките, builder алудира на нешто како наталожување). Претпоставив дека се работи за наталожување на некаков електрицитет, што е чисто физички проблем, па малку го размрдав приклучокот од слушалките (како она кога ви работи само едната, ама кога ќе го мрднете кабелот почнуваат да работат и двете). И баш како што претпоставив, во одредени позиции на кабелот, оптоварувањето на процесорот исчезнува и паѓа на минимум, а компјутерот ми работи како подмачкан.

Мистеријата останува

Надвор од тоа „проба ли да ги уклучиш слушалките одново“ и „ФАЛА, РАБОТИ!“ не наидов на друго дополнително објаснување на интернетов. Трајното решение уште ми е мистерија, (ако случајно го повлечеш кабелот од слушалките проблемот може пак да се јави, во спротивно е океј) ама сега кога и да почне да ми успорува компјутерот, отварам Process Explorer и ете го – Audio Endpoint Builder си ровари под капата на svchost.exe.

Кога има оптоварување, на означената листа ќе го видите и Audio Endpoint Builder.
Кога има оптоварување, на означената листа ќе го видите и Audio Endpoint Builder (во моментот на пишување немав така „среќа“, за да го сликнам).

Па ќе ги исклучам слушалките, ќе ги вклучам во малку поинаква позиција и Audio Endpoint Builder пак си заминува, до следното видување. Важно е што во меѓувреме, јас и компјутерот функционираме заеднички и смирено како да сме оделе на медитација.

- Реклама -