Новата компјутерска програма е голем скок до денот кога компјутерите ќе ја надминат човековата интелигенција (singularity).
Веќе одамна, машините се далеку подобри во математичките задачи и комплексните калкулации, но она што најмногу ги разликува од човекот е немањето на емоционална интелигенција. Новата програма, која ќе ги препознава емоциите на оној кој седи пред мониторот, врз основа на тоа како ги притиска копчињата на тастатурата, веројатно ќе го промени ова.
Во студијата, истражувачите тестирале мала група на луѓе, кои требало да искуцаат одреден примерок од текст. Анализирајќи ги типкањата, компјутерската програма идентификувала седум различни емоционални состојби: радост, страв, гнев, тага, одвратност, срам и вина. Најпрецизно распознаени биле радоста (со 87% точност) и гневот (81% точност).
„Ако успееме да изградиме систем што е интелигентен доволно за да комуницира со луѓе, при што ќе бидат вклучени и емоции – т.е. може да ги детектира емоциите на корисникот и да го промени своето однесување во зависност од нив – тогаш користењето на машините може да биде поефективно и попријателско“, напишаа истражувачите, кои се дел од Исламскиот Универзитет за Технологија, Бангладеш.
Тие сметаат дека системите што детектираат емоции би можеле да бидат употребувани во онлајн-студирањето: Емоционално интелигентен онлајн систем би можел да го смени изгледот, стилот на подучување или содржините на предавањето, со цел подобро да се адаптира на емоционалната состојба на студентот во прашање.
Според Мјунгхун Џеон, професор по когнитивна наука на Технолошкиот Универзитет на Мичиген, кој не е дел од научничкиот тим, новиот детектирачки систем не изгледа како „сензационално откритие“, но напорот и методите со кои се послужиле научниците изгледаат добро, позитивно, и ветувачки.
Тој смета дека програмата би можела да се покаже како корисна алатка при онлајн советувањето. На пример, во некои култури каде онлајн сесиите се доста популарни, психијатрите би можеле да ја проценат внатрешната состојба на пациентот без и воопшто самиот тој да ги спомне.
Покрај сите потенцијални добри примени, експертите подзаборавија да ги наведат сите негативни импликации што би можеле да произлезат од целата „машините ќе ги препознаваат и ќе се адаптираат на човечките емоции“ работа.