Комисијата за заразни болести, на денешниот редовен состанок на кој се дискутираше за актуелната состојба со коронавирусот во државава, одлучи дека не се потребни нови мерки или зголемување на постоечките рестрикции.
Претходно, министерот за здравство Венко Филипче посочуваше дека е можно зголемување на времетраењето на полицискиот час и скратување на работното време на угостителските објекти, а во медиумите се шпекулираше и за можен викенд-карантин. Со денешната одлука на Комисијата да не препорача нови рестрикции, останува на сила полицискиот час од 22 часот навечер до 5 часот наутро.
И на состанокот пред 9 дена, Комисијата за заразни болести оцени дека нема потреба од нови мерки, изразувајќи увереност дека полицискиот ќе вроди со резултат. Тоа, барем според дневните биланси на Институтот за јавно здравје што ги објавува Министерството за здравство, не се случи, а во изминативе недела и редовно сведочиме по над 1.000 новозаразени и од 20 до 30 починати на ден. Само во последниве денови, од Ковид-19 починаа неколку лица на возраст од 20 до 30 години.
Следниот состанок на Комисијата за заразни болести е закажан за вторник, следната недела.
Во меѓувреме, како што објави „Фактор“ повикувајќи се на извор во Комисијата, има промени во составот на ова советодавно тело. Дел од досегашните членови веќе заминале во пензија, а дел имаат професионални ангажмани надвор од Македонија, открива изворот. Според него, на нивно место исто така се ангажирани експерти и професионалци.