Калајџиев вели дека кога биле разгледувани осудениците за помилување, морале да одлучат за 10 од околу 30-ина лица кои им биле доставени од Министерството за правда, но не знаеле за кого се работи и биле разгледувани само нивните дела
Членот на Комисијата за помилување, професорот Гордан Калајџиев, потврдува дека за лицата доставени од Министерството за правда, за кои требало да се одлучи да им се намали затворската казна, било разгледувано само стореното дело.
Калајџиев во изјава за „24 Инфо“ вели дека кога биле разгледувани осудениците за помилување, морале да одлучат за 10 од околу 30-ина лица кои им биле доставени од Министерството за правда, но не знаеле за кои лица се работи и биле разгледувани само нивните дела, однесувањето во затвор и должината на затворската казна.
Сепак, Калајџиев вели дека тие се само советодавно тело и даваат свое мислење.
Изјавата на Калајџиев следува откако денеска претседателката Гордана Сиљановска-Давкова рече дека при потпишувањето на помилувањата не сакала директно да се меша во работата на Комисијата, за која рече дека е составена од експерти кои се врвни во својата област.
На ова Калајџиев вели дека претседателката е таа која одлучува и има право да ја промени нивната одлука или времетраењето за кое се скратува казната.
Сиљановска-Давкова денеска рече дека Комисијата за помилување се водела од конкретни дела во врска со помилувањата за неколкумина затвореници што ги добија по повод Денот на Македонската револуционерна борба, 23 Октомври, а за кои од вчера има реакции во јавноста.
Таа вели дека не ги знае ниту имињата на помилуваните, но оти тие се „интересни во негативна смисла на зборот“, а при потпишувањето на одлуките се водела од делото.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, на 29 јули годинава, донесе одлука за составот и за именување претседател и членови на Комисијата за помилување.
За претседател на Комисијата е именуван проф. д-р Методија Каневчев, а за членови на Комисијата се именувани проф. д-р Гордан Калајџиев, проф. д-р Арлинда Кадри Шахиновиќ, д-р Зора Митиќ, м-р Ана Ѓорѓиева-Ивановска, Ајтен Шаќири. Дел од Комисијата беше и неодамна починатиот новинар Саше Димовски.
Во соопштението од кабинетот на претседателката информираа дека при изборот и именувањето на членовите на Комисијата за помилување таа се водела по критериумите за стручност, компетентност и конкурентност и оти именуваните членови се истакнати експерти и познавачи од областа на правото.