Комичарот Зеленски сè поблиску до победата на претседателските избори во Украина

Заситени од длабоко вкоренетата корупција и гладни за промена, Украинците во недела многу е веројатно за свој нов претседател да го изберат 41-годишниот Володимир Зеленски – комичар без никакво политичко искуство.

Зеленски во првиот круг минатиот месец освои дупло повеќе гласови од сегашниот претседател Петро Порошенко, а во меѓувреме популарноста не само што не му опаѓа, туку и расте, барем според анкетите.

 

Овонеделното истражување на јавното мислење, спроведено од агенцијата KIIS, покажува дека Зеленски би требало да добие 72% од гласовите во вториот круг, наспроти 25% за Порошенко. Минатата недела, анкетата на „Рејтинг“ покажа дека Зеленски би добил 61% од гласовите, наспроти 24% за Порошенко.

Зеленски, се чини, го фаќа глобалниот бран на протестно расположение на гласачите, што е евидентно од изборот на Доналд Трамп во САД, изборот Велика Британија да ја напушти ЕУ (Брегзит), како и подемот на движењето „Пет ѕвезди“ во Италија. Неговата победа ќе претставува значително отклонување од досегашната пракса во Украина, каде на претходните избори победуваат искусни политичари, вклучително и тројца поранешни премиери.

Ако стане претседател, Зеленски ќе води држава која се наоѓа на првата линија на спорот меѓу Западот и Русија, особено по протестите на киевскиот „Мајдан“ во 2014-та, поради кои прорускиот претходник Виктор Јанукович мораше да побегне во егзил, а по кои следуваше и руската анексија на Крим.

Прочитајте и:  Бајден брза да испрати помош за Украина пред инаугурацијата на Трамп

Постои реална можност гласачите сепак во финалниот круг да изберат познато лице, а не новајлија, но засега сепак се чини дека огромната предност ја има Зеленски. Тој, на пример, ветува дека ќе ја задржи прозападната ориентација на Украина и ги уверува гласачите дека ќе спроведува реформи, ќе се бори против корупцијата и ќе се придржува до советите на ММФ.

Од друга страна, за дел од јавноста Зеленски е coмнителен лик, главно поради своите врски со еден моќен олигарх, кој воедно е и сопственик на телевизијата на која настапува Зеленски. Имено, сопственикот важи за човек кој би сакал да го види Порошенко да си замине од власт.

Сепак, Зеленски продолжува да капитализира од незадоволството на народот од досегашните политички елити и противестаблишментското расположение на јавноста, водејќи необична кампања полна со шеги, комични настапи и досетливи објави на друштвените мрежи. Неговата кампања привлече и познати сериозни реформатори, вклучително и двајца поранешни министри кои во меѓувреме се разидоа со Порошенко.

 

 

- Реклама -