Колумбијците што промашија пенал подобро да не се враќаат дома

Хозе Пекерман (тренерот на Колумбија) и Герет Саутгејт (тренерот на Англија) го тешат Матеус Урибе за нереализираниот пенал. Но, дали тешењето ќе биде доволно?

Колумбиските репрезентативци не ги преживеаја пеналите против Англија, а најголемите виновници за таквиот исход може да не ја преживеат ни Колумбија.

Зборуваме за Матеус Урибе и Карлос Бака, кои откако не ги реализираа пеналите во пенал рулетот, веднаш по мечот добиле закани по животот. Друштво им прави и Карлос Санчез, кој со глупавата и непотребна реакција ѝ подари пенал на Англија за водство од 1-0.

Во бројните испади на омраза на социјалните мрежи, овие тројца се прогласени за најголеми виновници за поразот, а меѓу купот навредливи пораки (кои секогаш ќе ги има) има и такви што отворено им препорачуваат да не се враќаат дома, бидејќи директно им се загрозени безбедноста и животот.

Одбраната на Пикфорд против Карлос Бака. Следен шутираше Ерик Даер, кој погоди и ја однесе Англија во четвртфиналето.

Закани на социјални мрежи по правило не треба да се сфаќаат сериозно, но ова е Колумбија. Свесни за тоа, дел од колумбиските навивачи застанаа во одбрана на фудбалерите, порачувајќи дека не смее да се повтори случајот со Андрес Ескобар.

Андрес Ескобар беше колумбиски репрезентативец кој беше убиен во 1994 година токму дома, во Колумбија, затоа што на Светското првенство 10 дена претходно си даде автогол против САД.

- Реклама -