Колку заработи Германија од грчката должничка криза?

Од заемите дадени на Атина, па до програмите за откупување долгови, профитот на Германија од грчката криза се брои во милијарди, известува La Tribune.

Деталите објавени од Германското министерство за финансии, пренесени од германскиот дневник Süddeutsche Zeitung, велат дека од почетокот на грчката криза во 2009-та, Германија преку заемите до Атина заработила 1.34 милијарда евра.

Подеталната анализа покажува дека германската развојна банка KfW има земено околу 393 милиони евра во исплата на камати врз заемот од 15.2 милијарди евра што ѝ го дала на Атина во 2010-та. Меѓу 2010-та и 2012-та, пак, централните банки од еврозоната, преку шеми на откупување на долгови, заработиле 952 милиони евра.

Другите членки на еврозоната се согласија профитот да го вратат на грчката централна банка. Но таквата операција дојде до застој во 2015-та година, поради политички причини, потсетува францускиот Les Echos, пред сé поради тензиите меѓу тогаш тазе владата на Алексис Ципрас и европската Троика.

Со покажувањето на добра волја при имплементирањето на реформите и мерките за штедење побарани од нивните кредитори, Атина се надева дека ќе ги охрабри своите европски партнери да го продолжат протокот на овие пари.

 

- Реклама -