Колку вкупно пари има на светов?

Прашањето е кратко и јасно, ама одговорот не е така едноставен. Барем не ако под „пари“ мислиме на сé што има парична вредност, а не само на онаа најнепосредната асоцијација – кешот.

Ама да почнеме од кешот. Кога мислиме на готовина, економистите тоа го нарекуваат „М0“ (М нула). Овде спаѓаат сите банкноти и сите монети. Собрани на куп, денес би имале вредност од околу 5.200 (5.2 илјади) милијарди долари.

Следната категорија е „М1“. Таа претставува збир од целата готовина и сите пари што се наоѓаат на сите банкарски сметки во светот, ама кои се „видливи“. Тоа се парите што ги имате (или немате) на сметката во банка, но во суштина можат да бидат подигнати кога и да сакате. Такви пари во светот има над четири пати повеќе отколку што има готовина. Вкупно, во категоријата М1 има 25.000 (25 илјади) милијарди долари.

Во следната категорија, која економистите ја нарекуваат „М2“, се вклучува целиот износ под М1 плус секоја мала, краткорочно орочена заштеда. Во оваа категорија стигнуваме до сумата од 60 илјади милијарди долари.

Последната категорија е „М3“, до која стигнуваме кога ќе ги собереме сите долгорочно орочени вредности, институционалните пари на пазарните фондови, и сите други тековни влогови. Вкупниот износ достигнува 80.9 илјади милијарди долари.

Тука веќе (што е прилично рано) налетуваме на „квази-пари“ (ака. „near money“) – термин во економијата со кој се опишуваат високо ликвидните поседи кои лесно можат да бидат конвертирани во готовина. По квази-парите, стигнуваме и до финансиските деривати, т.е. до менаџирањето со хартии од вредност – тоа што многу економисти го осудуваат како чиста трговија со апсолутно фиктивни, непостоечки вредности.

Кога би се собрале сите долгови на светов – кредитното задолжување на секој поединец заедно со долгот на секоја држава, доаѓаме до сума од 199 илјади милијарди долари. Третина од тоа задолжување е резултат на глобалната финансиска криза од 2008 година – што зборува многу за тоа во каков свет живееме.

На крајот, кога под „сите пари“ ќе ја вклучиме и целата вредност на финансиските деривати (кои се апсолутно фиктивни, т.е. зад нив не стои ништо материјално, а сепак се тргува со нив), доаѓаме до вкупна вредност од дури 1.2 милиони, т.е. 1.200 илјади милијарди долари…

- Реклама -