Колку треба да си богат, за стварно да се чувствуваш богат?

Замислете дека имате имате шестцифрени приходи, поседувате барем едно живеалиште и имате финансиски резерви од 1 милиони долари. Тоа би требало да е јасен знак дека сте „успеале“ и дека според сите глобални стандарди – сте богати, така?

А сепак, одговорот е “не”.

Неодамнешна анкета меѓу богатите американски инвеститори, спроведена од глобалната компанија за финансиски услуги UBS, констатира дека 70% од луѓето кои ги задоволуваат овие критериуми не се сметаат себеси за богати. Само оние кои „тежат“ барем 5 милиони долари сметаат дека имаат доволно оставено настрана за да се чувствуваат сигурни за својата иднина. Останатите стравуваат дека дури и еден неуспех би се одразил со сериозен негативен ефект врз нивниот начин на живот.

Па, ако милионерите не се сметаат за богати, што да кажеме за сите останати? Ако нема пристојна веројатност да се „чувствуваме“ богати, без разлика колку и да ни оди, вреди ли всушност воопшто да се обидуваме?

Симнување од брзата лента

Преку децении психолошки истражувања веќе одамна е демантирана идејата дека парите можат да купат долгорочна среќа. Дури и добитниците на лотарија не се чувствуваат позадоволни од животот по големата добивка (за некои е и клетва). Во февруари New York Times пишуваше за бум во „индустријата“ за терапија за милијардери кои страдаат во личниот живот.

„Кога луѓето стануваат богати, првично се позадоволни, но од одреден момент па натаму нема дополнителен раст на задоволство“, објаснува Јоланда Џетен – професорка по социјална психологија на Универзитетот во Квинсленд и коавтор на книгата „Парадоксот на богатството“.

Според неа, многу од луѓето со големи плати не можат да се симнат од „брзата лента“, иако се свесни дека среќата или квалитетот на нивните животи достигнува дно, пред сé бидејќи во многу голема мера почнуваат да се дефинираат исклучиво преку своето богатство.

Ова, според неа, се должи на фактот дека богатите, исто како и не толку богатите, се споредуваат со луѓе побогати и помоќни од нив. Ги гледаат нивните приходи, нивните домови, нивните инвестиции и имотот, а не на „обичните“ луѓе.

„Колку повеќе пари заработуваш, толку поголема потреба чувствуваш за уште повеќе пари – ова е вид зависност“, вели Џетен.

Таквиот модел на однесување ѝ е познат и на Пиа Веб – кариерен ментор кој работи со високи менаџери од Европа. Иако родната ѝ Шведска е позната по балансот помеѓу приватниот живот и кариерата, многу од луѓето сепак стануваат жртва на споредбата со побогатите од нив.

„Никој во Шведска нема да те смета за пример ако многу работиш. А сепак постои извесен притисок да го одржуваш темпото на другите, да го демонстрираш своето богатство преку други аспекти, на пример да одиш на одмор со семејството, да поседуваш брод или јахта или вила“, објаснува Веб.

Пиа Веб работи на тоа да ги убеди своите клиенти да размислуваат за искуствата и предметите од кои тие самите имаат потреба за да искусат задоволство, а не да се стремат да заработат повеќе за да ги исполнат очекувањата на општеството или колегите и пријателите.

„Кога станува збор за богатство, многу луѓе мислат дека парите се одлучувачки фактор. Сепак, не ви се потребни многу пари, ако можете да бидете среќни живеејќи во моментот“, вели таа.

Во минатото и Веб многу интензивно се фокусирала на богатството, сé додека не стигнала до степен на burnout („прегорување“ од работа) пред околу 10 години. Сега се радува на едноставни задоволства, како сауна, прошетка во природа или поминување време со своите најблиски.

Среќни селани и несреќни милионери

Истражувањата на Џетен покажуваат дека луѓето што живеат во сиромаштија веќе се навикнати да наоѓаат начини да чувствуваат поголемо задоволство од животот, а кои не се толку зависни од парите и материјалните работи. Кај нив е поголема веројатноста да поминуваат повеќе време со семејството или да бидат волонтери во заедницата.

„Во земјите во развој, каде што многу помалку пари можат драстично да го променат начинот на живот на човекот кон тоа да живее над основните потреби, оние кои не поседуваат многу помалку се плашат за тоа што можат да го изгубат“, дополнува Џетен.

Керол Греам – професор по јавни политики на Универзитетот во Мериленд, го опишува овој парадокс како „проблемот на среќниот селанец и несреќниот милионер”.

„Богатите држави според просечната статистика се посреќни од сиромашните, но надвор од тоа работите стануваат посложени“, пишува таа во својот извештај од 2010 година, каде според нејзиното истражување луѓето во Авганистан доживуваат слично ниво на среќа со луѓето од Латинска Америка.

„Слободата и демократијата ги прават луѓето среќни, но имаат помала важност кога ги има помалку од потребното. Луѓето можат да се прилагодат на огромни несреќи и да го задржат природно доброто расположение, додека други можат да имаат речиси сè… и пак да се несреќни“.

Секако, ова не значи дека е подобро да се живее блиску до работ на сиромаштијата. Греам потсетува дека богатите луѓе можат да бидат многу поадаптивни на негативните промени во нивните приходи отколку што сметаат. А како што тврди Џетен, побогатите, кои често имаат и идеалистички начин на живот, можат да научат многу од „сплотеноста и блискоста со другите“, која е  пораспространета во посиромашните групи и општества.

Иднината на богатството

Сé повеќе експерти тврдат дека традиционалните симболи на богатството – од типот на тоа да имаш автомобил или куќа – се менуваат, особено што луѓето од помладите генерации на новиот милениум се првите кои заработуваат помалку од нивните родители, и имаат повеќе тешкотии да купат куќи на посложените пазари на имот.

Иако тоа е обесхрабрувачко за овие генерации, „тоа исто така може да значи дека тие ќе покажат помалку споредни ефекти кои произлегуваат од богатството – од типот на егоизам, нарцисизам или чувство дека светот нешто им должи“, вели Џетен.

Всушност, младите професионалци кои добро заработуваат и би можеле да инвестираат во акции или имот, наместо тоа, сé повеќе се фокусираат на акумулирање на сеќавања и искуства и исполнет живот, наместо на умножување на парите. Според податоците на американското Министерство за трговија, во САД, од 1987 година, уделот на трошењето на животни искуства и настани, во споредба со вкупните сопствени трошоци, е зголемен за 70%.

„Патувањата се одличен начин да дознаете повеќе за другите култури, да се запознаете себеси и да најдете место во светот, но тие се донекаде и зависност“, потсетува Веб. „Доживувате наплив на емоции и возбуда од искусувањето на нови нешта – исто како кога луѓето одат на шопинг, на пример. Ова може да значи дека не пуштате корени никаде, или дека пропуштате да поминете квалитетно време со семејството и блиските“.

Според неа, човек треба да прецени што е важно за него и да научи да доживува среќа од малите нешта во животот, каде и да се наоѓа – било географски, било во социјалната пирамида.

- Реклама -