Другарството помеѓу човекот и кучето е опејувано уште откако постои. Секој знае дека среќниот другар што те пречекува со размафтана опашка кога ќе се вратиш дома е едно од поубавите нешта во животот. Луѓето тоа го толкуваат како голема љубов, но дали кучињата навистина можат да сакаат?
Седиш така спружен во фотелјата, а тоа лежи крај телевизорот. Се гледате. Си викаш: Добро бе, што ли мисли? И зашто неговиот ум е мистерија за тебе, сопствениците на кучиња се поделени околу тоа дали нивното куче ги сака: едните сметаат дека би било фино да ја знаат вистината; другите ќе речат: „Нормално дека ме сака! Јас го хранам!“. Приметуваш? Ова второво звучи повеќе како корист, не?
…И така, научниците решија да бараат докази за тоа дали навистина има кучешка љубов или „раката што ме храни“ е единствената причина што ги задржува кучињата крај нивните сопственици.
Како што пишува Џули Хект од списанието Scientific American, постојат неколку докази со кои може да се провери искреноста на љубовта на твојот миленик. Чудно е што овие неколку докази се истите кои важат и за човечките односи.
Клучна улога во кучешката љубов има окситоцинот
Според eдно многу интересно истражување спроведено за Би-Би-Си, кучињата ги сакаат сопствениците пет пати повеќе од мачките. Иако при дополнителните студии се покажа дека тоа не е сосема точно, сепак трендот е сличен: нивоата на окситоцин (хормонот на љубовта и приврзувањето) варира кај различни раси, но дефинитивно е повисок кај кучињата отколку кај мачките.
Според истражувањата, допирот и физичкиот контакт помеѓу човекот и кучето може да го зголеми нивото на окситоцин и кај двете страни, исто како и гледањето очи во очи помеѓу сопственикот и миленичето. Напомена: тоа со гледањето очи во очи важи само за своето куче.
И уште нешто: теоријата за љубовта и окситоцинот не работи 100%-но кај сите кучиња. На пример, зголемувањето на нивото на окситоцин кај женските кучиња води до поголема загледаност во очите на сопственикот, што не важи за машките кучиња.
Едно друго истражување покажува дека варијацијата на нивото на хормонот во телата на кучињата е директно поврзана со нивното однесување кон луѓето – а тоа однесување не секогаш е пропорционално на она што вие го изразувате кон нив. Затоа и е можно истиот мил однос од ваша страна, на две различни раси да покаже различни резултати.
Значи – окситоцинот не е единствениот одговор на прашањето „Ме сака ли моето куче?”.
Кучињата се приврзани
Од истражувањата спроведени во 1998-ма, се знае дека кучињата се приврзани кон сопствениците на начин сличен на оној на кој малите деца се зависни од своите мајки.
Децата не ги третираат сите луѓе исто. Врските, засновани на приврзаност, подразбираат многу блиска врска помеѓу две индивидуи, која нуди чувство на сигурност и безбедност. Ова е особено точно кај индивидуи кои се потпираат една на друга за да преживеат.
Експериментот на Мери Ејнсворт – „Чудна ситуација“, спроведен во 1970-та година, има за цел да ги идентификува основите на однесувањето при создавање на врски. Во експериментот, дете е однесено на ново место и преживува средно силен стрес кога е разделено од мајка си. Според теоријата на приврзаноста, под овие услови, децата продолжуваат да бараат заштита од своите мајки, а не од непознати – што ја докажува нивната приврзаност.
Кога се на ново место и се одвоени од своите мајки, децата бараат повеќе контакт со родителот, отколку со некој непознат, а кога повторно се соединети со мајката, тие покажуваат дека се чувствуваат безбедно и сигурно во многу поголема мера отколку кога се покрај непознат.
Многу истражувања покажуваат дека однесувањето на кучињата кон нивните сопственици во целост потсетува на експериментот на Ејнсворт. Кучињата постојано покажуваат дека сакаат да бидат дел од парот и бараат повеќе контакт со сопственикот. Покрај тоа, тие покажуваат многу поголема приврзаност кога ќе го најдат сопственикот откако тој бил исчезнат, а се и многу позагрижени кога него го нема.
Кучињата во стационарите исто така покажуваат такво однесување на приврзаност кон својот нов сопственик, кој ги „посвојува“. Истото однесување го покажуваат и кучињата-водичи на слепи луѓе, кога живеат со нив.
Изучувањето на однесувањето на кучињата-водичи дури покажува и дека во животот на кучињата е можна и втора или дури и трета врска заснована на силна приврзаност. Ете уште еден аргумент да посвоите куче – сосема е реално да посвоиш возрасно куче, а тоа да те сака како да си му сè на светот.
И, те сака ли?
Ако ја дефинираме љубовта како „силно чувство на приврзаност“ или „вид стабилна лична врска“, тогаш одговорот на прашањето дефинитивно е потврден. Да, кучињата сакаат, сакаат силно и трајно. А знаат и да ја покажуваат својата љубов, на секој можен начин: мафтање со опашка, скокање и лижење по лице, раце, па дури и по чевлите.