Во третата книга од „Метаморфозис“, Овидиј ја раскажува приказната на Нарцис. Син на речниот бог Кефис и најубавата нимфа Лавриона, Нарцис бил благословен со исклучително добар изглед. Сите се заљубувале во него. Еден ден, додека ловел, Нарцис се наведнува за да се напие од потокот. Го видел својот одраз и веднаш се заљубил во себе, слично како што им се случува на милионите луѓе денес кои сметаат дека светот има потреба од уште селфиња.
Како и во секој друг аспект во кој си дозволивме претерување и правење на нештата во изобилство, така и селфито стигна до точка да го обезвредни она што се обидувавме да го постигнеме со истото. Спомените веќе не изгледаат толку незаборавни. Во обидот да бидеме оригинални, да се истакнеме и отскокнеме во море од речиси 300 милиони други селфиња на Инстаграм, всушност се слеавме во позадината. Стануваме банални и досадни.
Сликите веќе не се тоа што беа: зачуван спомен и форма на свежо сеќавање на некој настан; сега сликите се самоувереност, демонстрирање пред светот на тоа кои сме ние. Попрецизно – прикажување пред светот какви што сакаме да бидеме.
Рет Ален, професор по физика на Југозападниот универзитет во Луизијана, неодамна фатил да ги анализирал сите слики што што ги има направено. „Како и повеќето луѓе, сликам извонредно многу нешта, вели тој. „Види, чешма со вода. Сум отишол на фудбалскиот натпревар на син ми – уште слики. Цвет крај патот? Ми ја разбирате мислата, нели? Сите ние фотографираме постојано“. По груба проценка, Ален смета дека има направено околу 14.000 фотографии само оваа година. Тоа ќе му дојде по 35 слики на ден.
Mylio – мала компанија составена од фотографи, прогнозира дека цел трилион фотографии ќе бидат направени до крајот на 2016, и очекува раст од 16.2% во однос на претходната година. Посликовито речено: ако сите овие слики бидат испечатени на 10×15см принтови и бидат поставени една до друга, можеме да стигнеме до Сонцето и назад.
Мери скоро ќе полни 99 години. Живее во близина на Вашингтон, сама, со помошник кој ѝ помага да се справи со секојдневните тешкотии и обврски: перење, готвење, чистење со правосмукалка и слично. Од друга страна, како и многу од постарите Американци, таа страда од деменција. Има сериозни проблеми да запамети голем дел од работите. Ако ја прашате колку години има, одговорот ќе биде измислена бројка. Ако ја прашате кој е претседател на САД, таа вели: „Бил Клинтон“. А најлошо, кога го гледа внукот Мајк, веќе не го препознава. Деменцијата засега речиси 50 милиони луѓе во светот, со над 7 милиони нови случаи годишно, од кои 60-70% се должат на Алцхајмеровата болест.
На една од понеодамнешните посети, Мајк зел стар албум од прашливата полица и го поминал попладнето разгледувајќи ги сликите со баба си. Мери почнала да препознава сé повеќе спомени и почнала да ги поврзува луѓето и местата. Нешто во овие слики ја активирало нејзината меморија и почнала да се сеќава на настани кои претходно ги имала заборавено.
Седењето заедно и гледањето на старите слики ја вратило бабата во сегашноста. На крајот се сетила и на внукот, за кого тоа било неверојатно радосен момент.
За физичките фотоалбуми
Не е толку фотографијата, колку што е општото гледање на албумот, општата емоција и чувството испровоцирано од физичкото прелистување на страниците, тоа што создава специјални моменти како тој на Мери и Мајк. Тешко дека така емотивно враќање на меморијата би било предизвикано од дигитални слики или видеа.
Кога последен пат сте седнале на компјутер или на вашиот iPad за да прегледувате стари снимки/фотогфафии? Уште поважно, дали често се собирате околу туѓ уред за заедно да гледате стари албуми? За младите генерации ова е глупаво прашање – да, го прават тоа, но како генерација што исто така има пристап и до стари физичко-постоечки фото-албуми, тешко дека ќе се најде некој што ќе рече дека импактот и емоцијата е иста и при гледањето на дигиталното. Има нешто студено, стерилно и далечно во тоа да се навраќате на спомени преку гледање на Google Photos или Facebook албуми. Некако е плитко, а треба и многу време – има премногу фотографии. Малкумина имаат време за да ги прегледуваат. Секогаш има следна галерија, и следна, и следна…
Сликите беа реткост
Прво беа тешки за воопшто да бидат направени. Развивањето на фотографиите чинеше пари и заради тоа имаа и вродена вредност, а имаше и селекција – не се сликаше сé и сешто, а и кога се сликаше – тие слики не се развиваа. Сé тоа се промени, но не само од аспект на создавањето на сликите и нивниот број, туку и – според научниците – од аспект на тоа како помниме.
Психологот Мариан Гери од универзитетот „Викторија“ во Велингтон, Нов Зеланд, тврди дека правењето на многу фотографии ги искривува спомените и го менува начинот на тоа како се сеќаваме на тоа што се случило.
Во 2014, Гери за NPR коментира: „Сметам дека проблемот е во тоа што луѓето се откажуваат од тоа да присуствуваат во моментот. После тоа имаат илјада фотографии кои просто ќе ги истурат некаде и не ги погледнуваат нешто посебно многу, затоа што е прилично тешко и одзема премногу време да се означат и да бидат организирани. Сметам дека тоа е многу жално“.
Дигиталните камери нé дистанцираат од сегашноста
Потоа, кога ќе ги видиш илјадниците фотографии кои си ги направил, тоа се само уште 1000 нови фотографии. Не се специјални. Наместо Мери да прегледа десетина слики кои одразуваат клучни моменти од нејзиниот живот, замислете таа да требаше да „скрола“ низ илјадници такви. Ќе беа лишени од секаква смисла. Веројатноста дека таа ќе си припомнеше нешто поврзано со тие значајни моменти од животот е минимална.
Колку повеќе фотографии правиме од одредена случка, толку помала е нашата способност да ја помниме и по извесно време. Тоа ја намалува вредноста на самото случување, бидејќи ние не живееме во моментот – само сме биле доволно присутни да го документираме.
Ја изгубивме магијата на фотографијата, а тоа е лош знак за иднината. Што ли ќе се случи кога ние ќе бидеме Мери на 99? Ќе имаме ли начин да стапиме во контакт со спомените, со тоа што некогаш сме биле, ако фотографиите се само купишта артефакти, а не се спомени? А ако се селфиња?! Што тогаш?