Пред година дена се случи напад во брз воз што одеше од Амстердам за Париз. Дали во меѓувреме безбедноста е подобрена? Тек-тук има промени, но најреалниот одговор всушност гласи: целосна контрола е невозможна.
Во авионскиот сообраќај, модерниот свет одамна мораше да се навикне на сложени мерки за безбедност, но во железничкиот сообраќај уште влегува кој сака и со себе носи прилично што му текне. За тоа што сé може да се случи во воз што патува со 300 км/ч, ние како патници веројатно и воопшто не сакаме да размислуваме, и со право. Во меѓувреме, само во мал број земји беа преземени барем некои безбедносни мерки.
Сепак, неодамнешниот напад во регионалниот воз кај Вирцбург покажува дека во актуелните околности на постојана терористичка закана, тешко е да се најде начин да се преземе баш сé што е потребно за безбедност на патниците.
ФРАНЦИЈА
Франција презема најдоследни мерки. На париската железница “Gar du Nord” во Лил веќе се поставени безбедносни камери налик на оние на аеродромите. Патниците се однапред предупредени дека треба да дојдат на станицата барем 20 минути пред поаѓањето на возот, бидејќи овие мерки бараат време.
Од друга страна, меркиве важат само за меѓународниот сообраќај на француската железница, односно во возовите на Thalys. Во другите – националните брзи возови (иако се со иста брзина и од ист тип), се спроведуваат само повремени случајни контроли, макар што е зголемен бројот на службеници кои проверуваат кој тоа патува.
Така, и во самите возови има полициски службеници во цивилка, кои ги „чешлаат“ вагоните и прават проверки врз лицата кои им се чинат сомнителни. Контролите на личните документи многу често се спроведуваат и на железничките перони долж целата станица. По минатогодишниот напад во Амстердам се огласија и барања железничките билети да се продаваат стриктно врзани со конкретното име на патникот, како што е тоа случај со авионските карти. Предлогот дојде и од европските министри за внатрешни работи, и од министрите за сообраќај, но засега е сé уште само тоа – предлог.
БЕЛГИЈА
Напаѓачот Ајуб Ел Казани нападот во воз го изврши не во Франција, туку во Брисел. Овој 25-годишен Мароканец беше вооружен со автоматска пушка, пиштол и нож. На никој во Белгија не му стана сомнително што тоа Ајуб внесува во возот. А денес? Би поминал ли?
По нападот, во Брисел се воведени остри контроли, но во меѓувреме веќе не се проверува така строго. Детекторите за сите патници сé уште не се поставени, иако на главната железничка станица во Брисел сé уште е затворен еден од влезовите. Само на некои места можат да се видат жичани огради, со тоа што при патувањата со меѓународните возови на Thalys, кондуктерите ги проверуваат картите пред патниците да влезат во возот. Но како што знаат тие што некогаш патувале со „Талис“, тоа отсекогаш се правело и не е нова безбедносна мерка.
По нападот строго се проверуваа и личните документи, но сега само повремено се фрла око на нив. Талис во Белгија стои и на станицата во Лиеж, но ни таму веќе нема лични контроли. На останатите станици во земјата сé е како што си било и порано.
ВЕЛИКА БРИТАНИЈА
Сепак, на главната станица во Брисел постои еден перон што уште одамна е ограден со голема жичана ограда и во тој воз е невозможно да се влезе без контрола на секој од патниците. Но овде не се работи за антитерористички мерки, туку причината е што од тој перон поаѓа Eurostar, воз кој вози за Велика Британија – земјата што никогаш не ни била членка на Шенгенот.
Што се однесува до безбедноста, и таму само повремено се проверуваат патниците, макар што речиси сите британски станици се покриени со мрежа од камери. Од останатите европски земји, само уште во Шпанија и Италија може да се случи полицијата и безбедносните служби повремено да ги проверуваат патниците на подолгите релации, или да ги проверуваат уште на пероните. Но и овие земји одбиваат да воведат „безбедносни зони“ како тие на аеродромите, бидејќи на сите им е јасно дека тоа многу би го отежнало животот и на недолжните патници.
Во суштина, никаде за безбедноста не се грижи самата железница, туку локалните и националните полиции. Моментално, Европа спие на увото на подетална соработка меѓу националните служби, наместо на оградување и жичани препреки на станиците. Сепак, сите се сложуваат дека контролата на патниците треба да се подобри.
ГЕРМАНИЈА
Германскиот министер за внатрешни работи – Томас де Мезијер, беше потполно јасен кога изјави дека „не сака потполна контрола баш на секој патник и неговиот багаж“ во возовите, и тоа ни во Германија, ни во Европа. Наместо тоа, тој одново се заложи за контрола на сите аеродроми и размена на тие податоци во Европа. Сепак, и напаѓачот од минатиот август, пред да се качи на возот на Талис, патувал со авион.
Причината за таквата одлучна одбивност лежи во фактот што во Германија секој ден патуваат по повеќе од 7 милиона луѓе. При таков број и со таква испреплетеност на локалните, регионалните и надрегионалните (ICE) возови, и на безбедносните експерти им е јасно дека воведувањето на контрола како таа на аеродромите е надвор од умот.
Тоа не го сакаат ни германските железници, кои стравуваат дека така ќе ги изгубат своите патници (читај: профитот), па заговараат „отворен систем“ на слободен сообраќај. Тоа важи и за Талис: тој поаѓа и од германски станици во Келн и Дортмунд, но освен проверката на билетите пред влегувањето во возот, други безбедносни препреки нема.
За волја на вистината, за безбедноста на тие 7 милиони патници се грижат околу 3.700 службеници и уште околу 5.000 припадници на Сојузната полиција, чие работно место е или на станиците или во самите возови. И германските железници, особено по инцидентот кај Вирцбург, ветија дека ќе вработат уште неколку стотина службеници, кои ќе бидат задолжени за безбедноста во возовите.
Големо внимание се посветува и на електронската контрола. Железницата најави дека ќе вложи уште 85 милиони евра за да постави камери во своите вагони. Веќе во моментов, во возовите има околу 27.000 камери, кои следат сé што се случува во нив – тоа е дупло повеќе отколку што имало камери во 2010-та. Покриеноста со камери на железничките станици гарантира дека околу 80% од патниците ќе бидат снимени пред да влезат во воз. На почекотот фрчеа и критики од типот „полициска држава“, но сега веќе никој нема ништо против.
Извор: Дојче Веле