Пред да замине на самитот на ЕУ во Брисел, премиерот Алексис Ципрас рече дека оставката на министерот за надворешни работи ја прифатил со „болка во срцето“. Сега тој го презема Министерството за надворешни работи и сака да му изрази голема благодарност на својот шеф-дипломат. Реакција по оставка на министер ретко звучи толку трогателно. „Сметката ја плати погрешен министер“, пишува денеска левоориентираниот весник „Ефимерида тон Синтактон“, кој инаку му е наклонет на премиерот. „Тој го жртвува Коѕијас за да остане на власт малку подолго“, негодува конзервативниот весник „Елефтерос Типос“. Како што се чини, и на Ципрас би му било подраго доколку неговиот министер за надворешни работи останеше. Сепак, тој мора да замине. Зошто?
На оставката ѝ претходела кавга меѓу Коѕијас и деснопопулистичкиот министер за одбрана Панос Каменос на седница на владата во вторникот. Станувало збор за договорот за решавање на спорот за името со Македонија, кој Коѕијас го рекламира како свој успех, а Каменос го отфрла. Жестоко се дискутирало и за другите приоритети на надворешната политика на Грција. Премиерот Ципрас молчел додека министерите се карале. Коѕијас поради тоа се почувствувал недоволно поддржан од премиерот, оценува Константинос Филис, директор за истражувања во атинскиот Институт за меѓународни односи. „Тоа прво треба да можете да си го претставите: Коѕијас му дава поддршка на договорот за името на своја сметка и мора да гледа како Каменос авансира во спореден министер за надворешни работи, а Ципрас притоа не му кажува каде му е местото“, вели Филис за ДВ. И конзервативниот коментатор Арис Портосалте е сигурен: „Имало кавга меѓу Коѕијас и Каменос и господин Цирас недвосмислено се одлучил за Каменос.“
Целата статија на DW.COM/mk