Веројатно засекогаш. Заглавени сме со нашето слепо црево, малите прсти на нозете, атрофираната опашка и речиси сите други наши еволуциони остатоци. Можно е умниците да се на пат на исчезнување, но за вакви големи промени обично се потребни милиони години. Од друга страна, најголемиот дел од нашите атрофирани органи ни се всушност од помош.
Опашната коска, на пример, е точка каде што се закачени бројни мускули на пелвисот. Потребна ни е за исправено движење. „Би било катастрофа ако ја снема“, вели Кенет Саладин, анатомичар и физиолог на Државниот универзитет во Џорџија. Слепото црево, пак, што кај нашите далечни предци служело во дигестијата на тревата, полека еволуирало за да заземе нова функција. Истражувањето водено од Вилијам Паркер и Рендал Болинџер на Универзитетот во Дјук, покажува дека неговата нова улога е да служи како засолниште за микробите што ни помагаат во дигестијата. Секој од нас има околу 900 до 1600 видови бактерии во утробата, а во случај на болест, при исфрлањето од организмот, слепото црево ги задржува добрите и полезни видови. Дури и малите прсти на нозете ни помагаат во балансот и го распределуваат импактот врз стапалото при трчање.
Постојат само малку навистина бескорисни делови од нашето тело, како што се мускулите зад нашите уши и умниците. Првите веројатно ќе останат, бидејќи способноста да мрдаме со ушите не ни пречи во репродуктивниот процес, а еволуцијата нема време за губење на ситници. Од друга страна, денес, само 5 проценти од луѓето имаат доволно широки вилици за умниците, па, веројатно, тие се на долг пат на исчезнување.
Најсмешниот од сите еволуциони остатоци се машките брадавици. Немаат функција, но нема ни да исчезнат. Сите ембриони се формираат според телесниот план на женското тело. Машките Y хромозоми упаѓаат дури во 6-тата недела од бременоста. Машките брадавици се длабоко вметнати во телесниот развоен план, што значи дека не можеме генетски да се ослободиме од нив, бидејќи тоа би ги упропастило и женските гради. А тоа е нешто што никој не го посакува.