Банките не можат да си ги наплатат кредитите што им ги дале на бизнисмени кои помалку или повеќе се инволвирани во случајот Рекет, бидејќи нивните банкарски сметки се замрзнати сѐ додека Основно јавно обвинителство за гонење организиран криминал не ја заврши истрагата. А, кога ќе се случи тоа, засега е неизвесно, но очигледно е дека процесот ќе потрае. Засега се знаат имињата на неколку бизнисмени кои беа повикани на распит во ОЈО, а за кои има сомнение дека биле рекетирани од Бојан Јовановски, преку неговата невладина организација „Меѓународен сојуз“. Се шпекулира дека е значителен бројот на сопственици на фирми кои исто така биле рекетирани со значителни суми на пари, што тешко дека ги имале дома „под перница“. Многу веројатно дека за да го платат рекетот, зеле кредит од банка.
Така, банките со случајот Рекет се најдоа во незавидна ситуација, посебно ако се знае дека во Рекет се спомнуваат милионски суми евра кои биле изнудувани од бизнисмени, а за кои се претпоставува дека тие ги земале од банките како кредити.
Сега нивните сметки се блокирани, а банките ниту можат да си го наплатат кредитот на време, ниту пак, месечната камата.
Банките упорно не ја коментараат ситуацијата во која се најдоа, иако високите кредити ги обезбедуваат со хипотеки на недвижен имот. Но, прашање е дали и за колку време од продажба на имотот ќе успеат точно да си ги наплатат побарувањата.
Истовремено, банките се ограничени да кредитираат други фирми, бидејќи поради Рекет се заглавени со милиониски суми евра, а тоа сигурно ќе има одраз врз македонската економија.
Колкав е точно списокот на сите бизнисмени во Рекет и колкава е сумата со која тие заглавиле со кредити, банките го чуваат како деловна тајна.
Но, освен банкарите, молчат и дел од бизнисмените кои не потврдуваат дека биле рекетирани од Бојан Јовановски, туку велат дека давале пари за започнување заеднички бизнис со неговата невладина фирма, „Меѓународен сојуз“.
Уште на самиот старт на случајот Рекет, се знаеше дека пари биле изнудувани од бизнисмените Орце Камчев и Зоран Азманов, што тие и самите јавно го потврдија. ОЈО посочи дека биле рекетирани и десетици други бизнисмени и компании и дека истрагата треба да се прошири.
Се шпекулира дека во случајот Рекет станува збор за изнудувана сума од над 5 милиони евра. Неофицијално, била изрекетирана печатницата „ЕВРОПА 92“, за 500.000 евра, за СЈО да го стопира прогонот во случајот „Поштенска Банка“. За истиот случај, наводно бил рекетиран и сопственикот на „НОЕЛ“ од Гевгелија за неверојатни 1 милион евра. Жртва на рекет бил и газдата на „Лозар Пелистерка“, за што биле платени 1.5 милиони евра, се спомуваше и сопственикот на ТИНЕКС, од кого наводно биле извлечени 200.000 евра. И Градежната фирма „Пелистер“ наводно платила рекет од 2 милиони евра, а жртва на изнуда била и компанијата „Трим и Лум“ од Струга, која била уценувана со 800.000 евра…
Некои од газдите на овие компании негираа дека биле рекетирани, а рекоа дека пари давале за започнување на заеднички бизнис со „Меѓународен сојуз“.
УЈП во септември најави дека започнала со проверка на фирмите на бизнисмените кои имале соработка со невладината организација „Меѓународен сојуз“ на Боки 13. Јавноста уште чека на официјални информации.