Кој ќе го наследи Ферги?

Менаџерот на Евертон, Дејвид Мојс се посочува како главен фаворит за наследник на Сер Алекс Фергусон на кормилото на Манчестер Јунајтед.

Шампионот на Англија утрово соопшти дека Сер Алекс Фергусон ќе се пензионира ова лето по повеќе од 26 години на менаџерското столче на ’Црвените Ѓаволи’.

Се очекува во следните 48 часа да биде соопштен наследникот на Ферги на Олд Трафорд, а според многумина Дејвид Мојс е прв фаворит.

50 годишниот стратег е обврзан кон Евертон до 30. јуни, и двете страни сеуште немаат постигнато договор за продолжување на соработката.

Жозе Мурињо се посочуваше како нов менаџер на Челзи, но откако утрово Сер Алекс Фергусон соопшти дека се пензионира, ’Специјалниот’ веднаш беше вброен како еден од кандидатите за кормилото на Манчестер Јунајтед.

Успехот што Јирген Клоп и го донесе на Борусија Дортмунд, придонес младиот стратег да се најде во комбинација за жешкото столче на Олд Трафорд.

Поранешниот фудбалер на ’Црвените Ѓаволи’, Оле Гунар Солскјер, кој освои две титули со Молде во Норвешка исто така е на листата со желби.

Рајан Гигс, кој скоро 23 години работеше под водство на Сер Алекс Фергусон и важи за еден од играчите во кој Шкотот има најголема доверба, би можел да ги обеси копачките на ѕид за да седне на менаџерското столче.

Останува да се види каква ќе биде одлуката на лидерите на Манчестер Јунајтед, но јасно е дека следниот менаџер на ’Црвените Ѓаволи’ ќе се најде пред огромен предизвик со оглед на успехот што Ферги го донесе на Олд Трафорд.

Можете да гласате за наследникот на Сер Алекс Фергусон на нашата нова анкета.

Текстот е објавен во соработка со 24Фудбал

- Реклама -