Кој ќе се израдува на поголема плата

Колку граѓани почнувајќи од први јануари па натаму ќе добијат повеќе пари на својата трансакциска сметка, благодарение на зголемената минимална плата, Владата нема направено прецизни анализи. Ова е малку и изненадувачки, бидејќи станува збор за една од мерките што се смета како еден од најзначајните адути со кои оваа власт настапува пред јавноста.

Минималната плата беше и една од главните понуди на „менито“ во предизборната програма на сега владејачката СДСМ, и во неа беше наведено дека до крајот на мандатот таа ќе стигне до 16 илјади денари.

Зголемувањето што ќе стартува со декемвриската плата е второ по ред одење нагоре на минималецот во земјава. Прв пат тоа беше направено во 2017 година, кога минималната плата се зголеми на 12.507 денари. Тогаш практично околу 100 илјади граѓани добија повисоки плати од претходно.

Владата сега најавува дека минималецот повторно ќе има нагорна корекција и ќе изнесува 14.500 денари.

Законот со кој треба да се зголеми минималната плата набргу ќе влезе во владина процедура, а откако ќе буде усвоен од Владата на седница, ќе оди во Собрание на усвојување пред пратениците, објаснуваат владини извори. Мерката ќе важи за декемвриските плати, што значи дека првите повисоки минималци ќе почнат да пристигнуваат на сметките на вработените од крајот на декември, но најголем дел од почетокот на јануари па во наредните денови, зависно која компанија кога ги исплаќа платите на вработените.

Дел од компаниите велат дека оваа мерка неминовно ќе им ги зголеми трошоците во работењето, но мора да се зголемува и стандардот на вработените.

Од власта, пак, тврдат дека со ова не се прави притисок врз компаниите, бидејќи нив ќе им се помогне со Законот за субвенционирање на придонесите, што ќе стартува од идниот месец.

Колкумина ќе се офајдат, не се направени прецизни математики. Таков заклучок единствено може да се донесе од бројките со кои располага Управата за јавни приходи. Податоците кои на барање на Фактор ги даде УЈП покажуваат колкумина вработени во последните три месеци имале плати во распон меѓу 12.507 денари, па до 14.449 денари.

Според овие бројки, излегува дека платата ќе им се зголеми на 91.006 работници во земјава, бидејќи толку на крајот на септември годинава имале примања над стариот, а под новиот износ на минималецот, што значи дека сега ќе треба да им биде зголемена платата.

Оние што имале пониски плати, значи старата минимална од 12.507, ќе се офајдат најмногу, ќе добијат повеќе по две илјади денари. Другите, пак, што имале нешто повисоки прмања, сега ќе добијат помало покачување.

Целата статија на Фактор

- Реклама -