Кој ќе одлучува за амнестијата?

Законот за амнестија што го изгласаа пратениците во Собранието минатата недела и треба да го спроведат судот и обвинителството, го затече неспремен Кривичниот суд. Иако најголем број од обвинетите веќе испратија барања да бидат помилувани, судот уште не знае кој ќе ја донесе конечната одлука и ќе реши кој ќе биде амнестиран. Претседателот Џолев до денеска треба да одлучи дали за барањата ќе пресече кривичниот совет или судечкиот совет на чело со судијката Добрила Кацарска.


На вчерашниот брифинг со новинарите Џолев оцени дека надлежен за предметите за кои веќе има пресуда е кривичниот совет, а за предметите што се во тек, како што е судењето за 27 април, надлежност има судечкиот совет, односно Кацарска.

„Во спротивно би се извршил упад во независноста при носењето на мериторна одлука“, вели претседателот Џолев, кој призна дека има отпор кај Кацарска да одлучува за амнестијата и дека Тој вели дека судиите се претпазливи во однос на надлежноста, но сепак тој ќе пресече кој ќе одлучува за амнестијата.

Но, судијката, која речиси секојдневно од август го води предметот, во изјава за „Независен весник“ вели дека во нејзината 32-годишна кариера никогаш не давала отпор и секогаш ги почитувала законите. Таа е децидна дека одлуките треба да ги носи кривичниот совет.

„Овие одлуки треба да се носат надвор од главна расправа, а за тоа исклучиво е надлежен кривичниот совет, согласно член 25 став 5 од Законот за кривична постапка. Втора работа што е многу битна е тоа што јас како судечки судија ако одлучувам по тие барања, значи дека прејудицирам моја одлука за оние барања што ќе ги одбијам, односно за оние обвинети што нема да добијат позитивна одлука од мене. Што ако некоја моја одлука повисокиот суд ја укине, а јас имам изградено став веќе за тој обвинет, а треба да го судам? Отпор не давам јас, отпорот треба да се бара на друга страна“, вели Кацарска.

Таа вели дека ова е не е прв закон за амнестија што е донесен од страна на законодавниот дом и дека секогаш, апсолутно секогаш, по сите закони за амнестија одлучувал исклучиво кривичен совет, без оглед во која фаза бил предметот.

Целата статија на НЕЗАВИСЕН.МК

- Реклама -