Кој ја штити Катица Јанева?

Поминаа само две недели од истрагата. Бидете трпелеви, изјави обвинителката Вилма Русковска за МКД.мк по денешните информации за наводната наредба на специјалната обвинителка Катица Јанева за форензичко бришење на податоците од сите компјутери на СЈО. Ќе провериме, па потоа ќе одлучиме што понатаму, вели Русковска.

На прашањето дали обвинителката за случајот „Рекет“ смета дека бришењето на податоците од компјутерите на СЈО претставува бришење на докази за овој случај, Русковска одговори дека се проверуваат сите информации.

Обвинителката Вилма Русковска во изјава за МКД.мк вели дека за форензичкото бришење на податоците се појавиле информации, дека од СЈО потврдуваат, но и дека демантираат. Затоа, вели обвинителката на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција испитува што е точно, па потоа ќе донесе одлука за преземање на какви било мерки.

„Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал ги проверува наводите во врска со информацијата која во јавноста ја прочитав од медиумите, а за која од СЈО добив демант. Ќе провериме, па потоа ќе одлучиме што понатаму“, вели Русковска.

Обвинителката во врска со тоа зошто Катица Јанева не е вклучена во истрагата за „Рекет“, како и зошто нема мерки на претпазливост или притвор за неа, појаснува дека истрагата е во тек, деа се преземаат дополнителни мерки и дека сѐ додека не се соберат докази во врска со ова, не може да се бараат вакви мерки, ниту за Јанева, ниту за кого било друг.

За тоа дали снимките за кои претходно МКД.мк објави дека постојат за тоа како Боки 13 се договарал и како течеле разговорите, Русковска вели дека тоа се снимки што не се обезбедени со ПИ-мерки, дека се доказ ако се работи за јавен интерес, но не можат да бидат единствен доказ за против некое лице да се побараат мерки на претпазливост или притвор. Мора да има и други цврсти докази и затоа се прави и вештачењето на мобилните телефони на Јанева.

На оваа тема денеска изјава даде и францускиот амбасадор Кристијан Тимоние.

„Од обвинувањата што ги слушаме за ова прашање може да се заклучат две работи: или станува збор за клевета која мора да се повлече во интерес на засегнатото лице, како и во интерес на институцијата или тоа е нешто што треба да биде подлабоко истражено. Јасно е дека за доброто на државата, заради правдата, мора да се направи темелна и вистинска истрага, за да нема простор за загриженост што би биле штетни за сите“, изјави Тимоние.

И покрај изјавите на обвинителката Русковска, и Тимоние и премиерот Зоран Заев, а се разбира и специјалната обвинителка Јанева велат дека е можно да се работи за клевета и дека таа клевета треба да се повлече во интерес на засегнатото лице.

Од она што до денеска беше објавено по медиумите под назнаката неофицијално дознаваме, а и од изјавите на Русковска, лесно може да се заклучи дека во случајот „Рекет“ една од главните улоги ја има токму Катица Јанева. Таа вели дека на снимките со кои располага обвинителството се слушал разговорот пуштен на спикерфон меѓу Боки 13, како директор на 1ТВ, и обвинителка. Од видеоснимката јасно бил регистриран дури и бројот што бил биран од Боки 13.

Снимките предадени во обвинителството за организиран криминал потврдуваат дека во разговорите меѓу рекетираниот Oрце Камчев и изнудувачот Бојан Јовановски во некои разговори има и трето лице, специјална обвинителка. Еве што за емисијата Код на ТВ Телма неодамна изјави обвинителката Русковска:

Код: Дали на тие снимки се гледа како осомничените го прават тоа (изнуда) или ја повикуваат Катица Јанева?

Рускоска: Па се гледа, а и се слуша.

Код: Ја повикуваат Катица Јанева, се слуша такво на снимките? Дека ѝ се јавуваат, да потврди нешто?

Рускоска: Видете, не можам да зборувам за детали од доказите со кои располагаме. Се слуша разговор со јавен обвинител.

Код: Пуштен на интерфон?

Рускоска: Да.

За случајот „Рекет“ истрага се води само две недели, потсетува обвинителката Русковска. Голем дел од засегнатите бизнисмени, од кои им биле изнудени пари наводно за рекламирање за 1ТВ со ветување за заборавање на истрагите против нив во СЈО, засега молчат. Ја чекаат разврската и така ги темпираат изјавите. Од нив засега ништо не може да се извлече како официјална изјава, а во делот на неофицијалното информирање сите ја повторуваат истата приказна за изнуден рекет со разни суми – од 200 илјади до 8 милиони евра.

А оваа приказна веќе предизвикува сериозно внимание меѓу филмаџиите. Веќе се пишувале и сценарија. Можеби за еден ваков филмски проект, овие бизнисмени ќе бидат барем еднакво дарежливи како во случаите со Боки 13.

- Реклама -