Кој е Михаил Мишустин, новиот премиер на Русија

Претседателот на Русија, Владимир Путин го назначи Михаил Мишустин за премиер, еден ден по оставката на премиерот Дмитриј Медведев.

Мишустин најави дека во наредните денови ќе објави нов состав на руската влада.

Пратениците во Думата, долниот дом на рускиот парламент, го потврдија Михаил Мишустин за нов премиер на земјата, помалку од 24 часа откако претседателот Владимир Путин го номинираше за нов шеф на владата, пренесува Ројтерс.

Мишустин доби 383 гласови од 424 присутни пратеници, немаше гласови против, додека 41 пратеник беа воздржани, истакнувајќи дека оваа победа на новиот премиер се очекуваше бидејќи доби едногласна поддршка од партијата Обединета Русија, која има големо мнозинство во руското собрание.

Значајни позиции и високи приходи

Непознат за пошироката јавност, Мишустин десет години бил директор на даночната администрација во Русија, каде што изградил репутација како успешен човек.

Кон крајот на осумдесеттите, тој дипломирал на Технолошкиот факултет во руската престолнина, а во 1998 година влегол во руската администрација, како заменик претседател на даночниот оддел и заменик министер задолжен за истиот оддел.

Тој извршувал висока функција во владините агенции до 2010 година, кога бил назначен на чело на руската даночна администрација, со задача темелно да ја модернизира.

Мишустин е оженет и татко на три деца.

Во 2015 година, тој се најде на 54-то место меѓу најплатените високи руски функционери, според списанието „Форбс“, со приходи од 2,7 милиони евра.

- Реклама -