Коинциденции или нешто повеќе? Чудната конекција меѓу медијата и нашите мозоци

Ти текнува на некоја не толку популарна песна и одеднаш почнува да свири на радио… Помислуваш на некој филм што сакаш пак да го гледаш и случајно налетуваш на него на ТВ истиот ден… Само случајности? Можеби некаква мистериозна „сила?“ Или само уште еден обичен ден во Матриксот?

Internet_map_1024[1]

Пишува за Psychology Today: Бернард Бејтман – професор по психијатрија

Меѓу најчестите случајности се тие во кои луѓето имаат интеракција со медијата. Шансите да се случат овие коинциденции се големи затоа што премногу често користиме ваков или онаков тип на медија.

„Медиските случајности“ варираат по својата веројатност. Да помислиш на популарна песна и да ја чуеш на радио – има голема веројатност да се случи. Да помислиш на стара песна и потоа да ја чуеш на радио има помала веројатност да се случи, особено ако не слушаш радио станица што пушта исклучиво стари песни. А колку помала е веројатноста, толку поверојатно е дека и нешто повеќе од случајноста придонело за случување на таа „случајност“.

Што знаеме за медиските коинциденции

1. Во студија од 1993, направена од Џејн Хенри и колегите на Open University во Велика Британија, најчестата коинциденција пријавена од речиси 1.000 испитаници била „спонтана асоцијација“ (на пример, кога некое на памет ќе ви падне некое име и ќе го чуете на радио).

2. При една студија во која до универзитетот Кембриџ и статистичарот Дејвид Шпигелхалтер биле испратени повеќе од 4.000 приказни со коинциденции, 10% се однесувале на некаква конекција со книги, ТВ, радио или вести. Повеќе пријавувана категорија на коинциденции била единствено таа со поклопување на родендени со некое друго лице, но таа е лесно објаснива со математичка веројатност.

3. 1.500-те испитаници во мојата студија насловена „Weird Coincidence“ (Weird Coincidence Survey, во превод: „Чудна случајност“) пријавуваат дека најчестите коинциденции се: „Ќе помислам на некоја идеја и ќе ја слушнам или видам на радио, ТВ или Интернет“ и „Ќе помислам на некое прашање и веднаш ќе ми биде одговорено од некој надворешен извор (како радио, ТВ или луѓе), уште пред да го поставам“.

Јас сум психијатар. Ако пациент ми рече дека човекот на ТВ му зборува, морам да ја разгледам можноста дека пациентот доживува психотична епизода. Сепак, овие прелиминарни податоци околу коинциденцијата сугерираат дека медиите „комуницираат“ до луѓето нешто што ни е од лично значење.

Адвертајзерите, генерално, особено на друштвените мрежи, се обидуваат да дознаат што секој од нас и потоа ги прилагодуваат нивните реклами кон она што го знаат за нас. Со други зборови, некои средби на умот и медијата не се случајни.

Изненадувачките пресретнувања, оние кои не вклучуваат ситуации во кои продавач се обидува да убеди купувач, се оние што моите респонденти ги пријавуваат.

Мојот ум и Њујорк Тајмс

30 април 2013: Се спремам да ја пишувам секцијата за човечкото GPS (Глобален систем за позиционирање, како кај автомобилите) од теориското поглавје на мојата книга „Connecting with Coincidence“. Се обидувам да ги објаснам многуте коинциденции кои сугерираат дека можеме да го најдеме својот пат до луѓе, нешта или идеи што ни се потребни – и без свесно да знаеме како. Барам мозочно-базиран доказ дека постои такво нешто како човечко GPS.

Здосадено ми е и така исфрустриран се упатувам на онлајн изданието на Њујорк Тајмс. На првата страна има статија за „вмрежувачки“ клетки (grid cells) кои им помагаат на стаорците да го мапираат просторот во својот мозок – можната мозочна основа за нашите способности слични на GPS.

Лоцирани во енторхиналниот кортекс, кој е близу до хипокампусот, grid-клетките овозможуваат неврални мапи од местата што стаорецот ги посетил. Откривањето на grid клетки покажува дека можеби константно правиме мапи од нашите територии – можеби имаме вграден GPS.

Имав прашање. Беше одговорено кога ми требаше од онлајн медија.

Веројатноста да го најдам баш тоа што го барав, баш кога го барав, е прилично мала. Малата веројатност нé тера да бараме објаснување надвор од чистата случајност. Изгледа дека мојот сопствен GPS систем ме одведе до тоа што ми требаше, баш кога ми требаше.

Истото може да е случај и со другите кои наоѓаат инстантни одговори на своите прашања преку медијата. Кога Хорас Валпол го измисли зборот „serendipity“ („среќна случајност“), мислеше на ова – да ги најдеш нештата што ти требаат баш кога ти требаат. Денес модерната невронаука доаѓа до одредени трагови за тоа како работат некои од тие среќни случајности.

Верувам дека има нешто повеќе во оваа конекција меѓу човечкиот мозок и медијата. Масивно растечкиот Интернет на кој сé повеќе му посветуваме внимание ги апсорбира нашите умови. Стануваме дел од неговите конекции; секој од нас е чвор/јадро меѓу огромен број други јадра во овој опширен систем. Честата појава на коинциденции меѓу медијата и мозокот е уште еден индикатор за блиската поврзаност меѓу медијата и човечките умови.

- Реклама -