Наместо според богатството, економските показатели, удобностите што им се достапни на потрошувачите и слични статистички бројки што и немаат многу врска со среќата, HPI (Happy Planet Index) ги рангира земјите според можноста да понудат долг и среќен живот, чист воздух и вода и чии граѓани се чувствуваат задоволно од својот живот. Со еден збор, што би рекле од HPI, тие го мерат она што навистина е важно.
Анализата на податоци резултираше со мапа од 151 земја на која може да се види точно кои делови од светот живеат посреќно, изразено преку три фактори: должината на животот, степенот на благосостојба и еколошката состојба. За секоја земја, секој од овие фактори е оценет со црвена, жолта или зелена боја, за потоа да се добијат 6 нијанси – со тоа што светло-зелената ги означува земјите што имаат добра оценка за сите три фактори.
Резултатите се изненадувачки. На прво место е… Костарика (HPI индекс – 64.4). Земјата ја распушти војската пред 50 години, важи за најеколошка во светот, а луѓето се поздравуваат со „Добар живот“, наместо „Здраво“ или „Добар ден“.
Зад Костарика, следуваат Виетнам (64.0), Колумбија (59.8), Белизе (59.3) и Ел Салвадор (58.9). Шеста е Јамајка (58.5), Панама е седма (57.8), а до десетото место се Никарагва (57.1), Венецуела (56.9) и Гватемала (56.9).
Меѓу високооценететите се и Нов Зеланд, Мексико, Индија, Норвешка и Мадагаскар. Британија, од друга страна, едвај влегува во првите 50, со индекс од 47.9 поени. Франција е на 50-тото место, а САД се дури на 105-тото, заради лошата оценка во сферата на екологијата и нискиот степен на среќа на жителите.
На Балканот, води Албанија (54.1), а зад неа се БиХ (42.4), Романија (42.2), Србија (41.3), Хрватска (40.6), Грција (40.5), Бугарија (34.1), а последна е Македонија (28.3).
Повеќе детали можете да видите на интерактивната мапа на HPI, а може да ја најдете ТУКА.