Во моментов Исланд е една од врвните туристички дестинации, но тоа не значи дека го има изгубено својот типичен мал селски шарм. Доказ за тоа е писмото до една фарма во Hvammseit во западен Исланд.
Но не зборуваме за обично писмо. На ова немало адреса, туку рачно напишани инструкции. На пликот била означена земјата, името на градот и „Фарма за коњи со пар со исландско-данско потекло и 3 деца, и многу овци“.
Во случај неколку фарми да одговараат на описот, испраќачот навел и мал хинт за препознавање на вистинскиот примач: „Жената работи во супермаркет во Búðardalur“.
Но испраќачите не оставиле ништо на случајноста. На пликот имало и рачно нацртана мапа до крајната адреса, заедно со дијаграм од блиското езеро, имиња на крстопатите, и голема црвена точка која ја означувала фармата со зборот „тука“.
Шармот на Исланд кој го спомнавме, е во тоа што писмото не само што поминало низ нивниот поштенски систем, туку веќе е доставено до вистинските приматели.
Според локалните медиуми, писмото било испратено од група туристи во Рејкјавик кои порано годинава ја посетиле фармата. Фармата одвреме навреме привлекува туристи затоа штоима „мини-зоолошка“ каде туристите можат да ги погалат семејните коњи, кози, овци, свињи и други животни. Овие не биле сигурни за адресата, па ја објасниле локацијата најсликовито што знаеле.
Тоа што писмото стигнало само дополнително го прави Исланд како да е некоја бајка.