„Кога некој открива, осознава и активно процесуира криминал, тој треба да се награди, а не да одговара. Тие се вредностите насекаде во светот, така и кај нас“, одговори премиерот Зоран Заев на прашањето дали и од кого ќе бара одговорност за аферата со пасошите, во контекст на обвинувањата од опозицијата за негова директна вмешаност, како и на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
„Како што рече и министерот, ова е неколкумесечна акција којашто се работи со Интерпол, со регионалниот центар од САД и со други меѓународни партнери, сѐ со конечна цел да се спречат и казнат ваквите постапки. Луѓето коишто се извадени пред суд и им е донесена веќе и мерка притвор, се откриени. Дале преку 200 државјанства во целиот овој период и успешно е направена анализата, документирана, докажана и процесуирана пред правосудните инстанци. Целиот овој период наназад, низ годините, низ децениите тоа што се случувало, на крајот има успешна завршница да не се повтори никогаш повеќе. И тоа е успешно спроведена акција од Министерството за внатрешни работи“, рече Заев.
Тој додаде и дека власта нема да дозволи професионалното работење на МВР и процесуирањето пред правосудните органи, со што се испраќа порака за казнивост и делото никогаш да не се повтори, да бидат засенети од нечии обиди да кокетира со одредени политички субјекти со цел самиот да се спаси и да направи политичка тема од ова прашање. Притоа Заев алудираше на еден од контролорите, односно референтите кои изработувале оригинални пасоши за регионалните криминалци под лажно име, кој, според него, ѝ давал документи на опозицијата да ги објавува за да створи политички тензии и така да се спаси.
Во однос на обвинувањата од опозицијата за средби на турскиот криминалец Седат Пекер со лица од СДСМ и коалиционите партнери, Заев не гледа вина во своите и коалициските редови за таквите средби.
„Господинот којшто го спомнавте е еден од тие коишто добиле фалсификувани пасоши, истовремено осомничен за одредени дела во Турција. МВР направи негова екстрадиција, односно го избрка како персона нон грата од државата, по други видови на постапки.
А дали се гледале коалициони партнери, луѓе од мојата партија или слично… Апсолутно никој не можел да знае дали некој е осомничен за нешто, дали некој позадински работел на некакви нелегални пасоши или слично и апсолутно не гледам никаква вина во тоа. Јас сум запознаен дури и кој од колегите, од партнерските партии, имале средба на негово барање низ чаршијата и на други места, но апсолутно не може да каже никој дека некој има вина поради тоа, заради тоа што нормално, кога некој ќе побара средба, нормално е некој да ја закаже средбата. Но, како што гледате, институциите функционираат и го испорачаа резултатот“, истакна премиерот.