Кога Наполеон тргна во неговиот Египетски поход во 1798 година, ги отстрани сите пречки. Се погрижи неговите трупи да понесаат и прекрасни илустрации од Египет, нацртани од неговите учители и советници. Наполеон се надеваше дека резултатите од таа „научно-истражувачка мисија“ во Египет, ќе го зацементираат францускиот авторитет врз древната земја, особено во очите на остатокот од Западот. Со оглед на неговата вештина за манипулирање на културните сигнали, не треба да е многу изненадувачки што генералот исто така направи и план за да ја искористи културата како оружје со кое ќе ги освои Египјаните. Планот? Да се претстави дека е повеќе муслиман и од самите египетски отомански и мамлучки робовладетели.
Во еден проглас кон египетскиот народ, Наполен рече:
„Луѓе на Египет! Нашите непријатели ќе ви кажат дека сум дошол да ја уништам вашата религија. Не им верувајте. Кажете им дека доаѓам да ги возобновам вашите права, да ги казнам вашите узурпатори и да го оживеам вистинското богослужење на Мухамед. Кажете им дека длабоко го почитувам, повеќе од Мамлуците (египетски израз за робови), Бог, неговиот пророк и Куранот.“
Во писмото од 1798 до влијателниот Шеик Ел-Месири, Наполеон пишува:
„Се надевам дека не е далеку времето кога ќе можам да ги обединам сите мудри и едуцирани мажи од сите земји и да воспоставам униформиран режим базиран на принципите на Куранот, кои единствено и само тие можат да го одведат човекот до среќата“.
Таа иста година, Наполеон беше во Египет по повод раѓањето на Пророкот – огромен празник во Исламот. Организираше голема забава и прослава, на која тој се појави облечен во египетска облека. На прославата, според еден од членовите на неговата експедиција, „тој отворено беше наречен ‘посинок на Пророкот’. Сите го викаа Али Бонапарте“. И во други извештаи на муслиманските лидери, Наполеон е наречен „достојниот син на Пророкот, љубимецот на Алах“.
Кога Наполеон се вратил во Франција, наводно отворено објаснил дека неговото претставување и промовирање на верата во Исламот било чисто политичко.
„После се, околностите можеби ќе ме натераа да станам Мусул (муслиман). Тоа ќе беше симболично, но прво требаше да стигнам до Еуфрат. Промената на верата, непростива кога е заради приватни интереси, станува оправдлива кога се работи за големи политички резултати… Дали сметате дека, можеби, Император на Истокот, и можеби потчинување на цела Азија, не беше доволна причина за носење на турбан и широки шалвари? Состојбата на армијата беше таква што неминовно ќе се доведеше себе си до ваква шеговита ситуација“.
И историчарот Метју Д. Зарзечни го потврдува утилитаријанскиот однос на Наполеон кон религијата – и кон културните разлики, општо – во контекст на поширока стратегија:
„Како што Александар Велики и неговата армија маршираа низ пустината за да го посетат храмот на Амон, Бонапарта ги третираше исламските знаменитости со восхит и почит за време на неговата сопствена пустинска одисеја… Наполеон им даде инструкции на своите војници да се однесуваат со муслиманите како што се однесуваа со Евреите и Италијаните. ‘Третирајте ги нивните муфтии и имами со почит, како што ги третиравте и рабините и бискупите’. Тој исто така очекуваше муслиманските жени да бидат третирани со истата почит како и христијанските жени и нареди секој што ќе биде виновен за силување да биде застрелан. Конечно, додека беше во Египет во 1798 година, Наполеон му напиша на мајор-генералот Бертир дека ‘варварскиот чин на камшикување на мажите за кои постои сомневање дека имаат важни тајни за откривање, мора да биде забранет. Отсекогаш било јасно дека овој метод на испрашување, со подложување на луѓето на мачење, е бескорисно: мачените кажуваат што и да им падне на памет, а што мислат дека мачителот ќе им поверува или дека сака да чуе’. Следствено, Наполеон го забранува користењето на методот кој е спротивен на разумот и хуманоста“.
Накратко, Наполеон разбирал дека колку и суровоста и нетолеранцијата можат да се ефектни на кратки стази, секој император што им дава на своите поклоници причина да го мразат, веројатно нема да има долга „кариера“. Оттаму и е сосема логично што Наполеон сметал дека е погодно да лаже, сé со цел да ги освои срцата на Египјаните.
Патем, колку и да бил неговиот план внимателно искалкулиран, не успеал. Британците, со право стравувајќи дека било каков Наполеонов успех на Средниот Исток сериозно ќе ја разниша нивната доминација на азиските трговски рути, вложија огромни ресурси во искоренување на француската контрола врз Египет. До 1801 година, Французите беа истиснати од земјата, а Наполеоновиот сон за хармонична Средно-источна Империја беше завршен.