Секогаш кога маж ќе си ја поднови профилната слика на Фејсбук со слика на која со љубената се гушнати, бакнати и вљубени, кај здравиот скептик светка една црвена сијаличка и се јавува чувство дека тука нешто смрди. Особено ако се во 10+ годишен брак или живеат заедно.
Океј, секој може да се почувствува сентиментално, да биде опиен од љубовта или да направи гест за роденденот на својата сакана, но заедничката профилна слика, особено ако е појава што се повторува, придружена со чести статуси во стилот „Ти благодарам што те имам, Марија, ти си ми се“, или „Feeling fantastic at Random Spa with Marija Randomova“ е сигнал дека нешто не е така како што изгледа.
Што може да натера еден маж да претера со демонстрација на хармонијата во љубовните односи? Ај да размислиме логично. Еве неколку предлози:
Имало некаков скандал
Сите пријателки, вкупно три, со кои таа оди на кафе во Рандом Мол, се вистински среќници бидејќи добиваат која од која поголеми гестови од своите сакани мажи.
Ана е изненадена со прекрасен прстен и професионална фотосесија со прекрасниот прстен, Наде – со одмор во Дубаи, а Диди со клучеви од новиот апарман на пријателот во Некоја си Плаза.
По сите тие информации, нашата мома се прибира дома силно возбудена и приредува бесен скандал на тема: „Ти воопшто си ме сакал ли некогаш, или само знаеш да лежиш и прдиш на каучот, те мразам!!!“
Едно јавна демонстрација на љубов секогаш ја оправа ситуацијата…
Скандал на повидок
Од пред пет дена тој ја следи дома низ собите, а таа се маскира со студен израз на лицето и застрашувачки поглед. На прашањата: „Што има мила, како си?“ и „Се случило ли нешто, мила?“, таа или продолжува да молчи, или одговара со „Добра сум, нема ништо“, или само со „Ништо“, или со „Добра сум“ или „сé е океј“.
Во кревката машка душа почнува да нараснува болен неспокој и необјасниво чувство на вина. Тој решава да си стави една заедничка профилна со љубената, зашто знае дека една демонстрација на вештачка среќа на социјалните мрежи за пред луѓето никогаш не е излишен чекор кон добра или барем поднослива семејна комуникација.
Мажот е виновен
Се прибрал пијан како свиња, откако гледал утакмица во бар со пријателите кои ги нема видено 5-6 години. Ја лајкнал сликата на колешката, на која и покрај двомесечното бебе во прегратката, погледот ѝ е „некако заводлив и генерално секси“. Или не го фрлил ѓубрето, а му е повторено три пати, или го заборавил роденденот на тештата.
Тој заслужува да страда доживотно или барем да направи некаков мил гест за да се обиде да ги поправи нештата. Каков помил гест од тоа да им покаже на сите зли колешки и жени во светот дека си има сакана и дека си ја чува цврсто до гроб? М?
Не е стрејт
За жал, живееме во општество кое сé уште директно или индиректно принудува некои луѓе да ја чуваат својата сексуалност во тајност и цел живот да глумат театар. Не само што страдаат тие, туку страдаат и нивните блиски, роднини, и најмногу – заблудените и излажани партнерки.
Животот во лага не е лесен потфат и подразбира непрекинати напори, од кои човек инаку би бил поштеден. Не малку од мажите избираат да го потиснат своето јас и да се задомат според обичаите и традициите, да си земат невеста – што ако не им е по вкус, и така да живеат.
Често прекумерните демонстрации на љубов кон саканата, премногу честото зборување за жени/жената, секс со жени/жената, поезија за жени/жената, итн. будат оправдани сомнежи дали тој што ги споделува воопшто сака жени.
Нешто сака
Ако партнерката не била расположена за ласкање и гушкање некое извесно време, да речеме последните 5-6 месеци, мажот решава да преземе некакви финални очајни активности во насока на тоа да легне со жена си, пред сосема природно да полуди од тестостерон и смачкана самодоверба и да си побара швалерка.
Или пак човекот си сака да си ги викне другарите дома на каучот, за да не мора да оди по барови и да се враќа свиња пијан, па после пак да поминува низ некоја од истите фази погоре.
И така, мажот засукува ракави, ја прегрнува таа жена, прави селфи, го прикачува, го тагнува, сите други жени на светот го гледаат тоа селфи, неговите заводливи колешки, нејзините среќни пријателки…
И готово. Решен е проблемот. Други мажи не би се ни потрудиле.
Г. Иванова
PS. Ништо од ова може да не е точно, ама нешто може треба и да се учи по психологија.