Кога корелацијата не е каузалност

OIFXe[1]

Корелација е едно, причинско-последична врска е друго. Првата многу често не ја имплицира втората. За научниците тоа е мантра, иако денес читаме сé повеќе истражувања кои носат заклучоци намерно занемарувајќи го очигледното. Кога тоа не го прават научниците (за да привлечат внимание и да го заработат лебот), тоа го прават медиумите при пренесувањето на овие студии.

Да видиме како тоа изгледа:

1. Јади доволно чоколадо и ќе добиеш Нобелова награда

Ако сакаш да го зголемиш протокот на крв во мозокот и со тоа потенцијално да го забавиш процесот на когнитивно стареење, консумирај флаваноли. Тоа се антиоксиданси кои ги има во зелениот чај и во какаото и се одлични за доведување на крв во мозокот.

Тргнувајќи од тоа сознание, њујоршкиот доктор Франц Мезерли се запраша: Дали нација на страсни јадачи на бонбони и чоколадо би била интелектуално понапредна од нација што не јаде толку какао? Во студијата објавена на шега во The New England Journal of Medicine, тој наоѓа дека земјите што јадат најмногу чоколадо, исто така добиваат и најмногу Нобелови награди.

Некои големи медиумски куќи студијата ја сфатија сериозно, без да го согледаат очигледниот фактор – богатството. Нормално дека побогатите земји (како Швајцарија, со 26 нобеловци) ќе имаат повеќе нобеловци, затоа што имаат поквалитетни научни истражувања. Исто така, нормално е и дека ќе имаат повеќе чоколадо, зашто се… побогати.

2. Ноќните светилки предизвикуваат кратковидост

Кратковидоста (миопија) е проблем што е во нагорна линија на глобално ниво веќе со децении. Во некои од азиските земји, дури до 90% од возрасните не можат јасно да гледаат објекти во далечината, а во 1999 година, истражувачите од Детската болница во Филаделфија мислеа дека го најдоа проблемот – ноќните светилки. „Доказите“ сугерираа дека децата што спијат со светло развиваат миопија порано во животот.

Тоа што филаделфиските научници пропуштија да го увидат, а им беше пред носот, е дека кратковидите родители имаат кратковиди деца. А кратковидите родители, кои не гледаат многу добро во мракот, имаат поголема тенденција да стават и вклучат ноќни светилки во собите на нивните деца.

3. Црните мачки се малер за синусите

Во јануари 2000-та, во студијата објавена во Journal of Allergy and Clinical Immunology, истражувачите најдоа дека луѓето што чуваат мачки со потемна боја страдаат од алергиски реакции повеќе од сопствениците на мачки со посветла боја (или луѓето што немаат мачки). Корелацијата излезе само обична коинциденција.

Мачкините алергии се предизвикани од протеин наречен Fel d1, кој се создава во плунковите жлезди подеднакво и кај темните и кај светлите мачки. Тим научници од Нов Зеланд докажаа дека алергиите едноставно не се поврзани со бојата или должината на мачкините влакна.

4. Вошките се половина здравје

Со векови, домородното население од островите Нови Хебриди, главата полна со вошки ја смета за знак на добро здравје. „Опсервацијата низ вековите ги научи дека луѓето со добро здравје обично имаат вошки, а болните многу често немаат. Опсервацијата беше точна и издржана“, пишува Дарел Хаф во книгата „Како да лажеш со статистиката“.

Се разбира, корелацијата не значи дека вошките се клучот за доброто здравје, туку обратно. Не е дека здравите луѓе обично имаат вошки, туку дека вошките обично одат кај здравите луѓе, заради соодветната температура на телото што го прави перфектен дом. Кога луѓето се болни и имаат висока температура, нивното месо станува топло и ги брка вошките. Вошките не предизвикуваат добро здравје, тие се хранат од него, објаснува Хаф во продолжение.

5. Доручкуваните деца имаат подобри оценки

Овој мит сите сме го чуле – дека децата што доручкуваат пред да одат во школо имаат подобри резултати. Делува логично: тешко е да се фокусираш на празен стомак. А сепак, и покрај напорните обиди, на истражувачите не им се посреќи да посочат зошто доручекот го помага учењето – ако тоа е воопшто така.

Во 1996, студија спроведена врз јамајкански ученици, најде дека во дел од училиштата, децата што доручкувале се однесувале подобро; во други училишта, се однесувале полошо.

Збунувачкиот резултат и не е така збунувачки – веројатно се должи на ресурсите и опременоста на училиштата, отколку со тоа дали учениците се јадени. Нормално е дека учениците во подобро опремените училишта ќе се однесуваат подобро, макар и да ги споредуваме само тие што доручкувале.

6. Штрковите и бебињата си имаат на-ти-го-дај-ми-го

Штрковите не носат бебиња. Тој дел од германскиот фолклор веројатно се должи на тоа што миграциониот циклус на белите штркови трае девет месеци. Но тоа не ги спречи научниците да се фатат за силната корелација: меѓу 1970 и 1985 година, бројот на парови на штркови што се размножуваат во Долна Саксонија опадна. Во истиот период, опадна и стапката на наталитет кај луѓето. Во меѓувреме, бројот на штркови се зголеми во предградијата на Берлин, каде што докторите породија и повеќе бебиња.

Што ќе рече Роберт Метјуз во Teaching Statistics, „Додека е јасно дека штрковите не донесуваат бебиња, немислечката интерпретација на корелацијата… секако може да донесе неиздржани заклучоци“.

7. Ако си ептен фан и ти изгуби тимот, ќе умреш

Неколку часа откако Сиетл Сихокс изгубија на американскиот Супербол во 2015 (финале во американски фудбал), почина навивачот на Сиетл – Мајкл Свен Ведвик. Неговото семејство ја обвини лошата игра на тимот дека довела до неговата смрт. Ваквиот смешен став потсети на едно истражување од 2011 објавено во Clinical Cardiology, кое забележа 15-27 процентно зголемување на срцевите удари во градот на губитниците.

Проблемот е што оваа студија не ги зема во предвид нефудбалските фактори, а во студијата беа наведени и смртни случаи што настанаа дури и две недели по натпреварот.

„Не мислам дека секој што ќе умре во сите 14 дена по Супербол-от умрел заради Супербол-от“, рече Дејвид Принс од Albert Einstein College of Medicine за Live Science.

8. Вработен си? Кажи им фала на високите цени

Во 1958, економистот Вилијам Филипс објави труд во кој тврдеше дека кога невработеноста се зголемува, инфлацијата се намалува (и обратно). Некои нации тоа го земаа здраво за готово. Некои се фокусираа на невработеноста, а некои на контролирање на инфлацијата.

Тогаш се случија 1970-тите, кога многу земји се соочија и со висока инфлација, и со висока невработеност. Се покажа дека „правилото“ на Филипс беше само краткорочна коинциденција.

9. Осамените луѓе повеќе се тушираат

Во Скандинавија, луѓето се борат со зимскиот студ со свеќи и топли собиранки со пријателите. Во Данска го викаат hygge, а во Норвешка – koselig; традицијата вели дека постои конекција помеѓу физичката температура и „друштвената топлина“ на пријателите.

Во 2011 година, истражувачи од Јејл се фатија околу идејата дека луѓето автоматски ја бараат таа конекција кога се под туш. Во нивната студија, најдоа дека осамените луѓе имаат поголема тенденција да се тушираат подолго и со потопла вода. Дали повисоката температура ги правеше да се чувствуваат помалку изолирани?

Освен очигледниот факт дека кога си сам немаш потреба да му оставиш топла вода на другиот, методологијата на истражувачите тотално ги изневери. Не само што користеа мала семпл група од 51 ергени, туку се покажа дека 90% од нив се бањаат или тушираат помалку од еднаш неделно. Не баш добар примерок. Во 2014-та, друг тим проба да ги реплицира резултатите користејќи поголема и со надеж – почиста тест група. И тоа помина без успех.

10. Победите на велшкиот рагби тим можат да го убијат папата

Според студијата од 2008 наречена „Рагби – религијата на Велс и нејзиното влијание врз Католичката црква“, се наведува дека шансите папата да умре се поголеми кога велшкиот тим поведува на најголемото рагби Гренд Слем-от. Извештајот се појави во хумористичното божиќно издание на British Medical Journal. Во него не беа најдени поврзаности на смртноста на понтифите и резултатите на тимовите од другите земји. Само Велс. Којзнае, можеби Ден Браун спрема нова книга во која ќе ја расветли мистеријата.

11. Имај повеќе секс и ќе имаш повеќе пари

Пред некоја година, вакви наслови имаше насекаде, бидејќи тогаш се појави истражување кое некако магично заклучи дека со повеќе секс се печалат повеќе пари, кога всушност беше јасно дека луѓето со повеќе пари имаат повеќе секс. За жал, ова тотално ја отсликува генералната ситуација во повеќето денешни истражувања, барем оние кои ги сервираат медиумите: трагање по корелација, а не по факти и научни вистини.

И за крај, малку контра-тежа:

cd67682595d70bdfc4c7bcaf6fc2de76cbe619e9720686daba6835d2cad675e4[1]

- Реклама -