Кога децата учеа во училишта на отворено

Француско отворено училиште.

Во 1904 година, германскиот доктор Бернхард Бендикс се здружил со едукаторот Херман Нојферт, со радикална мисија: да создадат училишта со минимум, па и ич ѕидови. Идејата прераснала во движење за училишта на отворено (open-air education movement), кое брзо се проширило во САД и најголемиот дел од Европа. Сето ова нешто пред да избие Првата светска војна (чисто како временска одредница). Целта, меѓутоа, немала никаква поврзаност со некакви си хипи идеи за враќање кон природата, или пак со политичката ситуација во тоа време. Причината била многу попрактична: да се спречи епидемијата на туберкулоза.

Во тоа време, многу професионалци сметале дека натрупаните и мали простори, како и недостатокот од пристап до свеж воздух, го зголемуваат ризикот од туберкулоза и други болести. За да го зачуваат здравјето на децата, сметале дека треба да го модифицираат едукативниот систем: да ги задржат класовите во истата форма, но со многу поголем акцент на вентилација. А таа „вентилација“ во многу од примерите значела релоцирање на училиштата во шумите. Резултатот? Баш како што го замислувате – училница без ѕидови среде шума.

Холандија, 1918 година.

Многу од овие училишта биле направени од шатори или реупотребени постоечки објекти. Некои, како тие во видеото подоле, ставале акцент на вежбање, паралелно со редовни здравствени проверки, меѓу другото и со цел за едукација околу превенција од болеста.

Движењето станало толку популарно што се одржало и после војната, а и после Втората светска војна. На темата се одржале пет меѓународни конференции во периодот од 1922 до 1956 година. Сепак, веќе до доцните ’50-ти, идејата како да замрела. Веќе и немало потреба, најмногу затоа што јавното здравје и санитарните пракси значително се подобрија.

Но и додека ги имало, отворените училишта не беа нешто посебно големо уживање. Свежиот воздух и вентилацијата важеа и преку зима. Independent, на пример, пренесе описи од луѓе инволвирани во отворената едукација. Еден од нив опишува како изгледало школувањето во Aspen House – школо со кров, клупи и табла, но без ѕидови. „Во пикот на летото, сонцето ја печеше целата училница, а во дождливите есенски денови, децата што седеа во крајните редови можеа да ја испружат раката и да наврнат… А во зима беше смрзнувачка. Некогаш ќе стигневме утрото… снегот имаше наврнато по клупите и столчињата, и моравме да го исчистиме пред да почнеме“. Во други училишта, додуша, користеле „вреќи за седење“, т.е. дебели ќебиња со кои се топлеле за време на зимата. Но, како што знаете од сопствено искуство, а делумно и ќе увидите од сликите, ни тоа не е така забавно.

Некаде во периодот 1900-1920 година.
Њујорк, некаде 1911 година.

- Реклама -