Кога Чарли Чаплин изгуби на натпревар во личење на Чарли Чаплин

chaplin-contest[1]

Чарли Чаплин почна да се појавува во филмовите во 1914 година – 40 филма, да бидеме попрецизни. Веќе во 1915 година, во САД и пошироко владееше „вирусот Чаплинитис“. Мустаќите на Чаплин ги имаше насекаде, а ги имаше и неговите имитатори, до толку што се организираа натпревари на кои се избираше најдобар двојник на Чаплин. Чаплин треската гореше во полна сила и во 1921-та, кога беше одржан избор за најдобар двојник во Белингам, Вашингтон (на сликата).

Според легендата, некаде помеѓу 1915 и 1921, Чаплин лично решил да се пријави на еден од овие натпревари за двојници, и според легендата – изгубил, и тоа убедливо. Во текст објавен во The Straits Times of Singapore во август 1920 година, стои:

„Лорд Дезборо, на вечерата на Англо-Саксонскиот клуб, раскажа приказна која ќе има долг живот. Доаѓа од Мис Мери Пикфорд, која ѝ ја раскажала на Лејди Дезборо: ‘Чарли Чаплин еден ден беше на саем во САД, каде главната атракција беше натпревар за тоа кој најдобро може да го имитира одот на Чарли Чаплин. Вистинскиот Чарли Чаплин помисли дека можеби има шанса, па се пријави за перформансот, без неговите прочуени мустаќи и неговите чизми. Доживеа голем неуспех и заврши 20-ти“.

Варијанти на истата таа приказна се појавија и во новозеландскиот весник Poverty Bay Herald, пак во 1920, како и во австралискиот Albany Advertiser, во март 1921.

„Неодамна во Калифорнија беше одржан натпревар во имитирање на Чарли Чаплин. Имаше некаде околу 40 натпреварувачи, а Чарли Чаплин, како шега, се пријави на натпреварот под лажно име. Го имитираше своето познато филмско лице. Ама не победи; беше 27 во натпреварот“.

Навистина ли Чаплин бил 20-ти во личење на себе? Или 27-ми? Дали воопшто се пријавил на таков натпревар. Дефинитивно е забавно да се мисли дека е така. Но денес, еден век подоцна, приказната се смета за само уште една урбана легенда. Кога еден истражувач побара од Асоцијацијата Чаплин да се вклучи во дебатата, тие го рекоа следново:

„Оваа анегдота раскажана од Лордот Дезборо, кој и да бил тој, беше нашироко пренесена во тогашниот британски печат. Нема други референци за постоењето на таков натпревар во ниту еден од исечоците од другите весници што ги имаме видено, така што само можеме да претпоставиме дека ова е изворот на таа гласина, урбан мит или што и да е. Како и да е, може да е и вистина“.

Не знам за вас, ама јас одбирам да верувам дека е така.

- Реклама -