За заканите од извршната власт и дали очекува негова смена од функцијата, тој кажа дека ќе продолжи да работи професионално, а дека условите за разрешување на републичкиот јавен обвинител се пропишани во Законот за јавно обвинителство
Премиерот Христијан Мицкоски прашан вчера за тоа како ќе се одвива робусната акција против корумпирани обвинители и судии што ја најави претходниот ден и дали тоа значи реактивирање на идејата за распуштање на Судскиот совет и Советот на јавните обвинители, рече дека имаат план и оти од понеделник почнуваат со негова имплементација
Државниот јавен обвинител, Љупчо Коцевски вели дека се неосновани обвинувањата на премиерот Христијан Мицкоски дека обвинители не си ја вршеле работата под изговор дека имаат здравствени проблеми, како дијареа, покачена температура и анксиозност.
Според јавниот обвинител имало само еден случај во кој обвинител не отишол на закажан состанок бидејќи имал вирус, но по неколку дена одржал неколку состаноци со надлежните служби од полицијата за координација по одредени предмети.
„Ако се однесува на тој еден случај, тоа беше пред некаде дваесетина дена кога предметниот обвинител имаше вирус и не можеше да дојде на закажаниот состанок и истиот се одложи за три-четири-пет дена, со тоа што присуствуваше потоа и од тогаш до денес има одржано неколку состаноци со надлежните служби од полицијата за евентуална координација на одредени предмети“,
изјави Коцевски во петокот (29 ноември) пред почетокот на седница на Советот на јавни обвинители.
Одговарајќи на новинарско прашања за заканите од извршната власт и дали очекува негова смена од функцијата, тој кажа дека ќе продолжи да работи професионално, а дека условите за разрешување на републичкиот јавен обвинител се пропишани во Законот за јавно обвинителство
„Јас ќе продолжам да работам најпрофесионално, законито и чесно и што е во мојата надлежност, што значи дека останатите политички изјави не можам да ги коментирам. Доколку евентуално имам сторено некаква грешка, условите за разрешување на јавниот обвинител се согласно Законот за јавно обвинителство“,
изјави тој.
Премиерот Христијан Мицкоски вчера прашан за тоа како ќе се одвива „робусната акција“ против корумпирани обвинители и судии што ја најави претходниот ден и дали тоа значи реактивирање на идејата за распуштање на Судскиот совет и Советот на јавните обвинители, рече дека имаат план и оти од понеделник почнуваат со негова имплементација.
„Мислам дека имате претстава дека не фуннкционираме како естрада и сигурно сега нема јас да кажувам, како што тоа во минатото се случуваше, пред камери или пред медиуми да носам специјални полициски единици, да понижувам луѓе, индивидуи итн. Имаме план, од понеделник почнуваме со имплементација на планот“,
изјави Мицкоски по настанот на отпочнување на реконструкција на Спортската сала „Расадник” во Општина Кисела Вода.
Навраќајќи се на прашањето, премиерот ги повтори тврдењата дека одредени обвинители добивале дијареа, главоболка и анксиозност кога требало да ја спроведат правдата.
„Доволно беше чекање. Чекавме, дадовме шанса, доволно беше. Очигледно е дека прежестоки се нападите наеднаш на дијареа, грчеви во цревата, главоболка, температура, анксиозност итн. кога треба да се потпише последниот указ за да се спроведе правдата, кај поедини обвинители за жал“,
рече Мицкоски.
Инаку, премиерот Мицкоски, како во предизборието така и по добивањето на изборите и формирањето на новата влада, во повеќе наврати говореше дека нема да се откаже од идејата за распуштање на Судскиот и на Советот на јавни обвинители доколку не добие подобри идеи за реформи во овие две тела.
Од друга страна, Европската комисија во последниот извештај за напредокот на земјава на патот кон ЕУ изрази загриженост за најавите за распуштање на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители оценувајќи дека таквите дејствија би ја поткопале независноста на судството.