Коби, те мразам

120115-wpvi-kobe-8-IMG[1]

Пензијата на Коби не беше толку неочекувана, колку што одеднаш сите сфатија колку всушност ќе изгуби кошарката. Настрана фановите на Лејкерс, сега сите сфатија дека всушност отсекогаш биле фанови на Коби, без разлика на тоа колку пати им ги скршил срцата победувајќи го нивниот тим. Таков е и Џонатан Џејкобсон, доживотен фан на Бостон Селтикс, најлутиот ривал на „Езерџиите“ во НБА. Истиот тој Џејкобсон му напиша писмо на Коби, за да му каже колку го мрази:

„Драг Коби Брајант,

Те мразам.

Можеш ли да ме обвиниш? Како фан на Селтикс, навивав против тебе цели две декади. Уживав во твојата агонија кога моите Селтикси те победија во Финалето од 2008-та. Пол Пирс го заслужи многу повеќе од тебе. Во тоа време, ти веќе имаше три прстени.

Но три не беа доволни за тебе. Ја оствари својата одмазда и го доби својот петти прстен во 2010-тата, раскинувајќи ми го срцето за време на процесот. Се надевам дека си свесен колку само имаше среќа што Кендрик Перкинс не играше во седмиот натпревар.

Го прочитав твоето писмо денес во Players’ Tribune и бев шокиран. Не затоа што ја најави твојата пензија – сите веќе го знаевме тоа. Бев шокиран од тоа како се чувствував читајќи го писмото.

Во мојата глава, секогаш ве ставав во иста категорија со Дерек Џетер. Вие сте играчите што ние како Бостон фанови особено ги мразиме, но не можеме да не ги почитуваме. Ти ја играше играта на правиот начин – со страст, гордост и професионализам.

Вие бевте вистинските ученици на играта, кои се стремеа кон врвот со тоа што работеа понапорно од сите други. Станавте генерациски икони во вашиот спорт. Го прифативте секој предизвик. Дадовте сé од себе. Ги ставивте своите тела во првите борбени линии. Знаевте како да победите. Го почитувавте вашиот спорт, вашата вештина и вашето ривалство со Бостон.

30 декември го означува денот кога последен пат ќе играш во Бостон. Ова е исто така последната можност за нас Селтикс фановите да го бодриме нашиот тим до победа против аргументирано најдоминантниот играч во документираната историја на Селтикс и Лејкерс.

Со твоето заминување, заминува и она што остана од ривалството што некогаш ја доминираше НБА. Можеби еден ден ќе го оживеат нови фаци. Можеби не.

Затоа, кога ќе дојдеш во Гарден следниот месец, се надевам дека публиката ќе ти приреди пекол. Се надевам дека ќе те нервираме и ќе ти пречиме повеќе отколку што тоа го правевме во шампионските дуели. Се надевам дека ќе го промашиш секое можно слободно фрлање. Се надевам дека никогаш нема да заборавиш како е да бидеш опкружен со 17.000 врескачки фанови што крварат зелена крв и би дале сé за да те видат како потфрлаш за последен пат.

Се надевам дека ќе ги победиме Лос Анџелес уште еднаш. И кога ќе те повлечат од првата петорка некаде на средина од четвртата четвртина, кога моите Селтикси ќе водат со 20 разлика, мислам дека нешто преубаво ќе се случи.

Секој еден навивач во Гарден ќе престане да те исвиркува. Ќе станеме на нозе и ќе ти оддадеме почит во форма на најгласната, најстрастната стоечка овација што некогаш си ја видел. Ќе го извикуваме твоето име. Ќе ги бришеме солзите од нашите очи. Ќе си кажеме слатко-горчливо збогум.

Велат дека никогаш вистински не знаеш што имаш, додека не го изгубиш. Па пред да заминеш, само сакам да ти кажам благодарам за тоа што си многу повеќе од само голем кошаркар. За цела една генерација на НБА фанови, ти си КОШАРКА.

Не можам да верувам дека го кажувам ова… но навистина ќе ми недостигаш.

Ќе те сакам (и мразам) секогаш,

Селтикс фан што не те ценеше доволно“

- Реклама -