Шампионот Мајами Хит не успеа да го најде лекот за гостувањата против ЛА Клиперс, па го загуби и петтиот натпревар во Лос Анџелес против овој противник (107:100).
„Жешките“ не успеаја да најдат начин да ги запрат главните оружја на клиперси, па Крис Пол реализираше 16 поени и 10 асистенции, додека Грифин беше стрелец на 20 поени и 14 скокови. Ако на ова се додаде дека „резервистот“ Крофорд постигна 22 поени, јасно е зошто Клиперси го добија овој натпревар, четврти триумф во низа за нив по променливите игри на стартот од сезонава.
Леброн Џејмс беше единствениот расположен за игра во таборот на Мајами, но 30-те поени што ги постигна „Кралот“ беа недоволни за да се стигне до позитивен резултат на ова традиционално незгодно гостување за „Жешките“. Реј Ален погоди четири тројки за вкупно 14 поени, но прескромни беа Бош со 11 и Вејд со само шест постигнати поени.
Мемфис Гризлис продолжи да им зема скалпови на фаворитите, па по триумфот над Мајами, синоќа славеа и на гостувањето против Оклахома Сити Тандер. Руди Геј ги предводеше „Гризлите“ со 28 поени, Рендолф реализираше 20 поени и 11 скокови, додека Марк Гасол учествуваше со 14 поени во шестата победа во серија на својот тим.
Оклахома Сити премногу зависеше од своите двајца најдобри кошаркари, Дурент постигна 34 поени, Вестбрук стигна до дабл-дабл од 17 поени и 13 асистенции, но и тоа беше премалку за да се запрат фуриозните гости од Мемфис.