Клинтон: Во 2011 година знаев дека е само прашање на време кога Путин ќе ја нападне Украина

Поранешниот американски претседател Бил Клинтон уште во 2011 година знаел дека е само „прашање на време“ кога Владимир Путин ќе ја нападне Украина. До тој заклучок дошол по средба со рускиот претседател во Давос, Швајцарија, кога Путин изјавил дека не го прифаќа договорот постигнат со посредство на САД – меѓу Клинтон и неговиот претходник Борис Елцин, за почитување на територијалниот интегритет на Украина во замена за тоа Киев да се откаже од својот нуклеарен арсенал од советската ера.

„Владимир Путин ми кажа во 2011 година, три години пред да го заземе Крим, дека не се согласува со договорот што го направив со Елцин. Тој рече: ‘Не се согласувам и не го поддржувам. И не сум обврзан со договорот’. Тој ден сфатив дека е само прашање на време кога ќе ја нападне Украина“, изјави Клинтон на настан во Њујорк, каде учествуваше и беше интервјуиран заедно со неговата сопруга Хилари Клинтон, објави „Фајненшл тајмс“.

Како што пренесува весникот, Клинтонови го повикале Западот итно да ја зајакне неговата поддршка за Украина. Според нив, Киев може да победи ако му се даде адекватно оружје и муниција.

Доколку Западот потфрли во тоа да застане зад Украина, предупредија тие, тоа не само што дополнително ќе го охрабри Путин, туку и кинескиот претседател Си Џинпинг да го нападне Тајван. Токму руските неуспеси и одлучниот одговор на Западот кон инвазијата, оцени Хилари Клинтон, спречиле инвазија да започне и Кина врз Тајван.

Прочитајте и:  Кремљ одби да ги коментира обвиненијата за напад со „Кинжал“

„Си го виде тоа. И мислам дека пред руската инвазија, постоеше извесна шанса дека тој ќе тргнеше на Тајван за две-три години. Мислам дека сега тоа се одложи“, рече таа.

Хилари додаде и дека ја дели недовербата што нејзиниот сопруг ја има кон Путин кого, како што потсетува „Фајненшл Тајмс“, Хилари го обвини за малициозно мешање во изборите во САД во 2016 година и, оттаму, за нејзиниот „изненадувачки пораз“ против Доналд Трамп.

„Путин е во, според него, праведна борба да се поткопа западната демократија и да се обнови, колку што може тој, Руската империја. Така што, тој нема да запре“, рече Клинтон.

За да запре војната, оцени таа, Украина мора или да ја порази Русија, или барем да ги врати териториите кои ги загуби на истокот минатата година.

„Им треба цврста позиција во преговорите. Не би му верувала на Путин на преговарачката маса под ниту едни околности, освен ако Украинците – поддржани од нас – имаат доволно преговарачка моќ“, изјавила Хилари.

- Реклама -