Клиника „Жан Митрев“: Процентот на преживеани пациенти со Ковид-19 во нашата клиника е поголем од националниот просек

„Стапката на успех во третманот на пациентите со Ковид-19 во ‘Жан Митрев клиника’ изнесува 74,6%. Според деталните болнички извештаи, во ‘Жан Митрев клиника’ биле хоспитализирани вкупно 1738 третирани пациенти, од кои 1296 преживеале. Во вкупниот број пациенти хоспитализирани во клиниката спаѓаат и пациенти дојдени од други здравствени установи. Оваа стапка на успех во лекувањето е повисока од националниот македонски просек, според последните податоци на Институтот за јавно здравје“, соопштија денеска од Клиниката „Жан Митрев“.

Според овие извештаи, „процентот на успех” кај хоспитализирани пациенти исклучиво третирани и лекувани во ‘Жан Митрев клиниката’ е сличен на просекот направен во 200 германски болници, каде просечното преживување изнесува 78%. Стапката на преживување, според исти студии направени во повеќе земји, се движи од 30 до 80 проценти; така, во Велика Британија е меѓу 50-89% во зависност од бранот, во Шпанија изнесува 64.4%, во Америка е 80.3%, а во Бразил се движи меѓу 61.6-75.4%, додаваат од клиниката.

Во однос на хемофилтрацијата, велат дека таа претставува само еден дел од спектарот методи и пристапи кои ги користат за лекувањето на пациентите. Третманот на пациентите во „Жан Митрев клиника“ се дефинира според тежината на болеста на прием, клиничката слика општата состојба на пациентот, дали се присутни коморбидитети, колку е критична состојбата и други клинички варијабли, велат од „Жан Митрев“.

Хемофилтрацијата како метод во третман на Ковид-19 има ургентно одобрување од Американската агенција за лекови (FDA) со јасно дефиниран индикационен опсег. Тоа ја прави примената на хемофилтрацијата во овој случај легитимна, се тврди понатаму во соопштението.

Ова одобрување, според „Жан Митрев“, е еквивалентно на тоа за вакцините. При ургентно одобрување од ова највисоко авторитетно регулаторно тело, третманот не може да се смета за небезбеден, неиспитан и нетестиран. Затоа, примената на хемофилтрацијата во пандемија според упатство за работа во рамките на одобреното индикационо подрачје, во дози и начин кој е пропишан за негово користење, нема статус на клиничко испитување и не е предмет на регулативата за добивање одобрение за клиничко испитување, а со тоа и потпишана информирана согласност од страна на пациентот, се вели во соопштението.

Инаку, попладнево судот, на барање на Обвинителството, му го одзеде пасошот на д-р Жан Митрев, откако тој денеска беше повикан на распит во Основното јавно обвинителство – Скопје, во врска со предметот оформен по допрен глас за работата на клиниката за време на ковид пандемијата, врз база на објавеното истражување на ИРЛ. Од клиниката „Жан Митрев“ соопштија дека целосно соработуваат со институциите и дека д-р Жан Митрев по уредна покана на ОЈО денеска бил таму и дал своја изјава.

„Клиника Жан Митрев и сега и понатаму целосно соработува со институциите за кој и да било случај. Ние како Клиника досега, а и понатаму, работиме целосно транспарентно и во интерес на пациентите. Овој однос не е само кон надлежните институции и тела во државата, туку е и кон нашите пациенти. Знаејќи ја вистината и водејќи се според високите стандарди на работа, ќе помогнеме за откривање на фактичката состојба и ги ставаме на располагање сите наши материјални и
човечки капацитети за да излезе вистината во јавноста“, порачаа од „Жан Митрев“.

„Искрено веруваме дека само со транспарентен однос и отворена соработка можеме да ѝ служиме на вистината и на етичките и моралните вредности според кои работиме“, додаваат од клиниката.

- Реклама -