Климатските промени го направија ураганот Милтон поопасен, велат научници

Веројатноста за водите во Мексиканскиот залив да достигнат екстремно високи температури, со климатските промени, се зголемила за 400 до 800 пати. Таа дополнителна топлина го направи Милтон трет најбрзорастечки ураган од Атлантскиот океан откако се води евиденција, со максимална брзина на ветрот од 290 километри на час, велат од американскиот Национален центар за урагани

ФОТО: EPA-EFE/CRISTOBAL HERRERA-ULASHKEVICH

Силните ветришта и обилните врнежи што ги донесе ураганот Милтон оваа недела, во кои загинаа 16 луѓе во Флорида, се влошија поради климатските промени предизвикани од човекот, вели меѓународен тим научници.

Анализата на организацијата „World Weather Attribution“, која ја пренесува „Ројтерс“, покажала дека глобалното затоплување го направило ветрот посилен за 10 отсто, а врнежите поголеми за 20 до 30 отсто.

Оваа група климатски научници ја проучува улогата на климатските промени во предизвикувањето екстремни временски појави.

Милтон се засили од бура од прва категорија во уништувачки ураган од петта категорија за помалку од 24 часа, хранејќи се од топлите води во Мексиканскиот залив, кои достигнаа рекордни температури. Кога пристигна во Флорида беше смален на ураган од трета категорија. Поранешни научни истражувања покажале дека климатските промени го предизвикале тоа затоплување на Мексиканскиот залив.

Веројатноста за водите во Мексиканскиот залив да достигнат екстремно високи температури, со климатските промени, се зголемила за 400 до 800 пати. Таа дополнителна топлина го направи Милтон трет најбрзорастечки ураган од Атлантскиот океан откако се води евиденција, со максимална брзина на ветрот од 290 километри на час, велат од американскиот Национален центар за урагани.

Групата научници забележува дека веројатноста да се појават бури со слично ниво на врнежи како Милтон сега е двојно поголема отколку што би била ако не постоеја климатските промени предизвикани од човекот.

„Студијата го потврди она што и досега беше доволно јасно: климатските промени ги напојуваат бурите, а главниот виновник за тоа е горењето фосилни горива“,

вели Јан Даф од еколошката организација „Гринпис“.

Тој додава дека милиони луѓе низ Флорида, од кои многумина немаат осигурување, сега ќе се соочат со астрономските цени за обнова на своите разурнати домови и заедници.

Научниците претходно утврдија дека постои загрижувачки тренд на брзо интензивирање на ураганите во Атлантскиот океан, и велат дека е можно тоа да е поврзано со климатските промени.

Со оглед на екстремно високите температури на површинските води околу Флорида и Карибите, прогнозерите очекуваа поинтензивна сезона на урагани годинава, со четири до седум поголеми бури.

Милтон беше вториот ураган од петта категорија во оваа сезона, која трае од јуни до ноември. Од 1950 година до денес имало само пет години кога бил регистриран повеќе од еден ураган од петта категорија во една сезона, велат од американската Национална океанска и атмосферска администрација (НОАА).

- Реклама -