Клаус Шваб во Давос: Глобалниот систем оди во повеќегодишен период на трансформација

Основачот на Светскиот економски форум во Давос, Клаус Шваб, изјави дека светот е во период на реглобализација, станува се повеќе меѓусебно зависен, но и дека, од друга страна, ќе има многу повеќе односи засновани на доверба.

Шваб за Вол Стрит Џурнал објасни дека тоа ќе се случи бидејќи светот не е во можност да ги создаде потребните норми, како и неопходните правила, кои може да ги сподели.

– Иднината на светот би можела да биде некаков вид на пачворк коалиции кои се засноваат на доверба, рече Шваб.

Тој рече дека глобалниот систем оди во повеќегодишен период на трансформација и дека кризата во која се наоѓа светот е помалку криза во вообичаена смисла, а повеќе трансформација на „нашиот глобален систем“.

– Ако ја земеме економската страна, би рекол дека ќе поминеме низ многу тежок период на трансформација од три, четири, пет години. А силите зад ова? Се разбира, војната во Украина. Па дури и ако ја решиме војната, тоа ќе биде реконструкција. Имате трансофрмација или транзиција на енергија. Имате преобликување на глобалните синџири на снабдување. Ги имате пост-ковид ефектите, за кои некои велат дека се помала продуктивност и, се разбира, потребата да се инвестира повеќе во отпорноста, рече Шваб.

Од друга страна, тој е оптимист за енергетската трансформација во однос на обезбедување пристап до поевтина енергија и струја. Сепак, посочува Шваб, тоа краткорочно значи инвестиции.

– Ако земете војна, тоа значи трошоци. Ако земете поместување на синџирот на снабдување, тоа значи трошоци … Затоа што веќе не купувате од најефикасниот и најевтиниот извор. Купувате од најсигурниот извор. Значи, ако ги земате сите тие фактори заедно, јас немам никаква научна основа, но би рекол дека тоа е веројатно еден до три отсто од нашиот глобален БДП, рече тој.

Според него, светот мора да се позанимава со таа трансформација, а не со кризен менталитет, за да се најдат едноставни решенија за многу сложени проблеми.

На прашањето дали смета дека светот се повеќе се дели на повеќе регионализирани блокови кои соработуваат во некои области и се натпреваруваат во други области, Шваб вели дека политичката димензија на таа трансформација значи преминување во свет со повеќе сили.

– Секако, имате две суперсили, но потоа имате суперсила во подем како Индија. Имате блокови како Европа, која мислам дека стана посилна и покрај Брегзит во последните три години. Другите азиски земји не треба да се потценуваат. Потоа имате непријателски држави како што се Северна Кореја и Иран. После го имате она што јас би го нарекол брзи риби, мали земји кои брзо се движат кои се пример за други земји, како Сингапур, и до одреден степен, Израел, рече Шваб.

Тој изјави дека постојните институции нема да бидат доволни во денешниот свет и оти еден елемент што недостасува е во дискусијата да се интегрираат други важни заинтересирани страни како бизнисот, медиумите и слично.

– Во Давос ќе ја видите презентацијата на она што го нарекуваме село на глобална соработка. Создадовме заедница на поддршка од над 70 компании и меѓународни организации како ММФ или Светската трговска организација за да создадеме еден вид Давос во метауниверзумот, во виртуелниот свет, да имаме можност да го продолжиме дијалогот, но да го прошириме дијалогот за да интегрираме повеќе засегнати страни, рече Шваб.

Тој додава дека е потребна неформална и доверлива платформа каде што ќе може многу поотворено да се зборува и навистина да се справува со прашањата „не на политички начин, туку со волја да се најде решение“.

Шваб, исто така, нагласува дека бројните несогласувања што постојат во светот се резултат на недостигот на дијалог, но и на влијанието на коронавирусот, бидејќи многу меѓународни дијалози се во застој, а видео конференциите не се идеална алатка за создавање простор на доверба.

– И имавте повеќе луѓе ставени во изолација. Гледате зголемување на проблемите со менталното здравје ширум светот. Кога ќе се соочите со криза, станувате посебични затоа што, наместо да прашувате „Како да го решам проблемот?“ прво прашувате „Како можам да ја заштитам мојата ситуација“, рече Шваб.

Тој додава дека она што можеше да се види во последните две години е многу поголем егоизам на личен план, кој „се прелеа“ и на национално ниво.

На прашањето кога и како ќе заврши војната меѓу Русија и Украина, или каде би можела да оди, Шваб вели дека гледа позитивни знаци на хоризонтот, но оти дури и кога ќе престане, ќе има многу тежок процес застојот на непријателството да се претвори во долгорочно одржливо решение, бидејќи се направени големи грешки со процесот во Минск.

МИА

- Реклама -