Ќерката на Панче Жежовски сведочеше за убиството на нејзиниот татко и малолетната Вања

Во Основен кривичен суд Скопје во врска со убиството на малолетната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски денеска сведочеа и ќерката на Панче, Ана Киркова, и нејзиниот сопруг, Тодор Кирков. На прашања на обвинителката Жаклина Лазаревска, Киркови сведочеа за моментот кога увиделе дека Жежовски го нема, пријавата во полиција и неговото пронаоѓање.

Ана Киркова е една од трите деца на Жежовски, таа на денешното сведочење изјави дека сосетка на татко ѝ ја информирала дека тој не е достапен веќе подолго време.

– Утрото околу 10 часот ми ѕвонеше на телефон негова комшивка ми кажа ѕвонам, го барам татко ти не се јавува. Велам од кога. Таа кажа од средата веќе може 40 пати ѕвонела. Па добро, си велам можеби не сакал да ѝ се јави, рече таа.

Дополни дека потоа почнала и таа да ѕвони, но тој не се јавувал и го испратила нејзиниот сопруг кој работел во близина да провери.

– Почнав и јас да ѕвонам, не се јавува, си велам низ двор си работи. Потоа повторно јас ѕвонев, не се јавуваше. Уште во 16 кога завршив со работа, се преиспитував што може да се случи, но си велам ајде ќе одиме околу 18 часот и 40 минути почнав да се облекувам. Отидовме во станица, кажавме дека татко ми од средата на неговиот телефонски број не се јавува, рече таа.

Прашана дали ѝ е познато дека Панче имал комуникација со некој од обвинетите, таа одговори дека имал комуникација со Велибор Манев.

– Во 2007 го изнајми Велибор Манев да работи во куќата кај нас. Рече дека му е добар пријател, каменорезец. Мислам дека живее на пет минути со кола од кај нас, рече таа.

За татко ѝ посочи дека живеел скромно од својата пензија.

– Беше вреден човек. Имаше еден спор со Велибор Манев, настана поради тоа што, по укажувањата на татко ми, Велибор дошол, си ги земал коцките, нешто не испаднало како што треба, рече таа.

Прашана за возилото Цитроен, одговори дека било старо и со голем багаж.

Во однос на идентификацијата на нејзиниот татко, одговори дека таа не го идентификувала.

– Татко ми беше фрлен кога го видовме во вреќа, јас и сестра ми бевме во капела, сопругот го идентификуваше, јас не можам да гледам лик, рече таа.

Прочитајте и:  Сослушан возачот што го превезе Палчо до Турција, Кешишов го сменил првичниот исказ

На прашањата на првообвинетиот Љупчо Палевски, таа одговори дека немала сознанија дали нејзиниот татко имал контакти со него.

– Не сте ми познат, јас не ве познавам, рече таа.

Нејзиниот сопруг, Тодор Кирков, изјави дека кога дознал дека се случува нешто, отишол да провери во куќата.

– Кога ми се јави сопругата, бев на работа, отидов кај него дома, бев во дворот да ја побарам колата, во дворот не беше колата, ми го прати клучот синот по такси. Греалката работеше, многу беше топло, рече тој, дополнувајќи дека го побарале на друго место, но, бидејќи го немало никаде решиле да пријават во полиција.

Прашан каков човек беше Панче Жежовски, одговори дека бил, како што рече, „добар, нормален, колку што знам не се караше со никого“.

И Кирков посочи дека имал сознанија дека Панче имал некаков спор со Манев во врска со дворот.

Претходно, пред судот сведочеше мајката на Вања, Зорица Ѓорчевска.

Во судот денеска беа присутни обвинетите Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов, како и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски.

Обвинетите на изминатото рочиште се произнесоа дека не се чувствуваат за виновни за што дополнително нивната одбрана ќе достави докази.

Според обвинението, тие заедно испланирале грабнување на 14-годишното девојче со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп.

На 22.11.2023, обвинетиот заедно со уште тројца претходно обвинети заеднички извршиле грабнување на оштетениот Панче Жежовски во Велес, со намера да го присилат да им го даде сопственото возило „Цитроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.

Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес на 3 декември 2023 година.

Во врска со овој случај е осомничено уште едно лице за помагање по извршување на кривичното дело против кого постапката ќе се води одвоено.

Судењето го води судијата Ивица Стефановски, а застапник на обвинението е обвинителката Жаклина Крстевска.

Расправата продолжува на 16 октомври.

- Реклама -