Ниту тој, ниту неговите колеги не можеле да претпостават што сè правел нивниот познаник Боки 13. „Бојан Јовановски имаше средби со стотици поединци, како сопственик на 1ТВ, но и како претседател на Меѓународниот сојуз каде членуваа многу истакнати општественици, честити луѓе. Иако лично не сум бил дел од таа невладина организација, знам дека добар дел од членовите на истата воошто не би ни помислиле на било какви незаконити дејствија“, вели во интервју за „Фактор.мк“ Александар Кирацовски, кој тврди дека не бил сменет, туку сам се повлекол од функцијата генерален секратар на СДСМ, од причини што воопшто не се поврзани со било која шпекулација во јавноста.
За случајот „Рекет“, Кирацовски вели дека, со оглед што така лесно се случувал „пред очите“ на надлежните институции, е олицетворение на рекет-културата којашто како лоша практика се создала за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, заедно со нефункционалноста и разјаденоста на најважните институции во државата, како и шпекулативното наместо истражувачко новинарство зачинето со лажни вести кои повеќе ѝ штетат на истрагата отколку што ѝ користат. Сепак, Кирацовски смета дека државата веќе има развиено механизам и „имунитет“ да се носи со сите предизвици, па оттаму очекува овој случај, како еден вид тест за правната држава, да ја зацврсти довербата на граѓаните во правосудниот систем, органите на прогон и владеењето на правото.
Кирацовски не верува дека високи функционери од СДСМ воопшто би се впуштиле во злодело какво што е „Рекет“. „Го тврдам тоа, а и за многу скоро ќе се потврди. Познанството или пријателството е една работа, нечие делување надвор од законите е сосема друга“, вели тој. Целото интервју, на низа теми, прочитајте го ТУКА.