Моите први 48 часа во Европскиот Парламент. Што има, како е, ми се допаѓа? Сè ќе ви објаснам, го почнува видеото на социјалните мрежи 24-годишниот Фидиас Панајоту, популарен јутјубер, а сега веќе европратеник од Република Кипар, кој преку видеа континуирано ги информира неговите следбеници на социјалните мрежи за новиот почеток и новото искуство, јави дописничката на МИА од Атина.
Првото видео објавено завчера е пред да влезе во авионот за Брисел, по што следат уште неколку, меѓу кои и едно од пред зградата на Европскиот Парламент.
– Денеска ми е прв ден како европратеник во Европскиот Парламент. Ајде заедно да влеземе внатре, вели Фидиас во едно од видеата објавено вчера.
Во ходникот го бара кипарското знаме, а во продолжение објаснува дека има за цел првично да сфати како функционира ЕП.
-Ајде да ви покажам нешто „кул“. Ова е првпат што влегувам во Европскиот парламент. Тука ќе гласаме „за“ и „против“, објаснува додека е во салата за седници.
Претпладнево пак, повторно преку видео на социјалните мрежи ги пренесе неговите впечатоци, коментирајќи дека е многу среќен, бидејќи е нешто ново за него и учи нови работи и од таа причина постојано има состаноци.
– Кипар веќе 20 години во Европа и не знаеме што правиме за Кипар, како функционира, што прават европратениците и чувствувам дека е многу важно да знаеме. Затоа сум многу среќен. За следните денови има две цели. Едната е да почнам да вработувам добар тим што ќе биде со мене и второто е дали ќе влезам во некоја политичка група или ќе бидам „независен“, рече Фидиас и им вети на следбениците дека во следните денови детално ќе ги информира.
На европските избори во Република Кипар на 9 јуни, 24-годишен јутјубер, инфлуенсер, тик-токер и слично, познат под името Фидиас особено популарен на Кипар и без никакво искуство во политиката освои 19,4 отсто од гласовите, беше на третата позиција со што обезбеди место во Европскиот Парламент.