Како одговор на немирите во претежно муслиманските делови на западна Кина, Пекинг забрани давање на исламски имиња на децата.
Локалните власти во западните зони на Кина, поточно Синкјанг, добија известување дека бебињата отсега не смеат да бидат именувани со ниту едно име кое може да се толкува како „премногу религиозно“. Семејствата каде „премногу верските“ имиња се случај, ќе мораат да ги прекрстат своите деца, објаснија официјалните лица.
Тие кои нема да го почитуваат законот ќе се соочат со сериозни последици. На семејствата кои ќе одбијат да ја послушаат наредбата, ќе им биде ускратен hukuo-то – основен идентификационен документ без кој немате пристап до образование, вработување и други социјални погодности.
Во Синкјанг живеат околу 11 милиони Ујгури, кои се туркиски народ со претежно исламска вероисповед. Таму живеат и Монголи, Таџици и Казахстанци, кои на овие ограничувања од Пекинг гледаат како на директен облик на дискриминација на нивната култура.
„Хан Кинезите (најбројната етничка група) на нас гледаат како на крвожедни и насилни. Кога патуваме во внатрешноста, и ќе ги видат нашите муслимански имиња во нашите лични карти, не сакаат да ни дозволат да отседнеме во хотелите или да ни издадат станови“, вели еден Монгол со муслиманска вероисповед за руски Sputnik.
По бројните терористички напади во Синкјанг, кинеските власти преземаа бројни драстични мерки против локалното население. Воведени се и одредени забрани за облекување и патување. Се проценува дека на околу 800.000 државни службеници во регионот им е забрането да учествуваат во било каков облик на верски активности, под закана дека ќе ја изгубат работата. Во ноември 2016-та, пак, на сите лица од ујгурска националност им беа одземени пасошите, за подоцна да мораат да се пријават на властите за да ги добијат документите назад.
Кинеската влада ги обвинува Ујгурите за верски екстремизам и насилничко однесување. Се стравува дека Синкјанг, кој се граничи со Пакистан и Авганистан, може да стане плодно тло и транзитна зона за терористите. Колку поостри мерки, толку причината за страв станува пореална – се зголемува ризикот од радикализација. Поради тоа, локалните власти беа принудени драстично да го засилат надзорот и мерките за безбедност во регионот.