Кина сака да прикаже дека коронавирусот потекнува од Италија?

Кинеската државна China Global Television Network (CGTN) во неделата на 22 март објавила статија во која (бесрамно) се тврди дека потеклото на коронавирусот (Ковид-19) останува непознато, но дека неговото „родно место“ можеби е Италија.

Статијата се повикува на извештај објавен во NPR, во кој италијанскиот доктор Џузепе Ремуци вели дека од свои колеги слушнал за чудна пневмонија која била многу опасна, особено кај старите луѓе, уште во декември, па и ноември.

„Тоа значи дека вирусот циркулирал, барем во северниот регион на Ломбардија дури и пред да бидеме свесни за оваа епидемија кога се појави во Кина“, цитиран е докторот во статијата на NPR, додека пак кинеската CGTN ја цитира оваа изјава за да сугерира дека коронавирусот се појавил на друго место, а не во Вухан.

Цитираната изјава на докторот, пак, во оригиналната статија се однесува на сосема друго, односно е дадена како одговор на прашањето зошто Италија беше фатена неподготвена кога вирусот неконтролирано започна да се шири, а не во контекст на тоа дали во Италија имало случаи пред да има во Кина.

Прочитајте и:  Откриена огромна мрежа на фалсификати во Италија, ги лажирале делата на Моне, Ван Гог...

Додека Ковид-19 брише ширум светот, Кина се обидува да најде и да ги искористи сите шанси да ги заташка обвинувањата дека во раните фази ја криела епидемијата, што директно придонесе за ширење на Ковид-19 ширум светот, барем во овие размери, пишува „Тајван Њуз“.

Ова не е единствениот ваков пример. Порано месецов, истсакнува весникот, портпаролот на кинеското министерство за надворешни работи твитна дека наводно американската армија го донела вирусот во Кина, или дека коронавирусот потекнува од САД и настанал за време на сезоната на грип.

САД, од друга страна, постојано ја обвинува Кина дека шири шпекулации во време на глобална криза. Трамп во јавните обраќања вирусот го нарекува „кинески вирус“ (за што беше критикуван и од американските медиуми што не му се наклонети), додека пак портпаролката на Стејт Департментот Морган Ортагус отворено ги критикува твитовите на кинеската колешка Hua Chunying, која тврди дека Кина била транспарентна и навремено реагирала помагајќи му на светот да го совлада вирусот.

- Реклама -