Кина ќе ги продлабочи врските со Белорусија, и покрај санкциите од Западот

Кина ќе ги зајакне трговските врски со Белорусија и покрај продлабочувањето на западните санкции против земјата поради блиското сојузништво со Русија, пишува „Политико“ по денешната државна посета на белорускиот претседател Александар Лукашенко на својот кинески колега Си Џинпинг.

Според весникот, Лукашенко добил „ВИП третман“ во Кина, вклучително и почесна стрелба во негова чест од страна на Народноослободителната војска на Кина.

„Пријателството меѓу Кина и Белорусија е нераскинливо силно“, му порачал кинескиот претседател Си Џинпинг на Лукашенко, кој е првиот европски шеф на држава во државна посета на Кина откако лани Си обезбеди трет мандат.

„Кина и Белорусија се заеднички гаранти на меѓународната правда“, истакнал Си, пренесе кинеската агенција Синхуа.

Лукашенко, чија економија е тешко погодена од санкциите наметнати од Западот поради неговата улога во помагањето на инвазијата врз Украина од страна на Русија и рускиот претседател Владимир Путин, обезбедил нови ветувања од Си за понатамошни инвестиции во Белорусија, посочува „Политико“.

„Ќе се прошири економската и трговската соработка, а кинеско-белорускиот индустриски парк ќе биде целосно изграден“, рекол Си.

Прочитајте и:  Бајден одобри противпешадиски мини за Украина со цел да се запре рускиот пробив

Лукашенко, од своја страна, истакнал дека „целосно го поддржува“ планот на Кина за решавање на украинската криза, објавен минатата недела. Си, исто така, изразил неколку забелешки за Украина по објавувањето на планот, кој беше доведен во прашање од ЕУ и САД иако украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека е отворен да разгледа некои делови од предлозите на Пекинг.

„Сржта на позицијата на Кина е да промовира мир и да ги олесни преговорите. Клучно е да се држиме до насоката на политичко решавање, да се напушти целиот менталитет на Студената војна, да се почитуваат легитимните безбедносни грижи на сите земји и да се изгради избалансирана, ефективна и одржлива европска безбедносна архитектура“, подвлекол Си.

Истовремено, тој обвинил „одредени земји“ за „политизирање и инструментализирање на светската економија“ за време на украинската криза, повикувајќи ги „искрено да се посветат на (чекорите) кои придонесуваат за прекин на огнот и мирно решавање“, истакнува „Политико“.

Извор: МИА

- Реклама -