Кина гради подводен центар за податоци со моќност од 6 милиони компјутери

Огромните количини дигитални информации што се создаваат секој ден мора да се зачуваат некаде, а Кина има една иновативна идеја за најновиот блок-центри за податоци – да ги стави под вода.
Центрите за податоци се компјутерски единици во кои се чува сѐ – од плејлистите на „Спотифај“ до пораките на „Џимејл“. Иако ставањето на овие единици под вода не е лесна задача, сепак, носи две клучни бенефиции.
Прво, спасувањето простор. Планот е 100 вакви блокови да бидат ставени под вода до 2025 година, што ќе заземе простор од околу 68 илјади квадратни метри. Тоа е речиси колку 13 фудбалски игралишта. Тоа земјиште, кое инаку би било заземено, може да се користи за други цели или да се остави празно додека центрите се 35 метри под брановите.
Второ, а и поважно, е тоа што морската вода дејствува како природен разладувач, одржувајќи ги температурите ниски околу центрите. Се проценува дека годишно може да се заштедат околу 122 милиони киловат-часа електрична енергија, што е еднакво на просечна потрошувачка на електрична енергија на 160.000 Кинези.
Тоа се бенефитите, но не е лесно да се стават овие единици тешки 1.300 тони под вода. Треба да се изградени така што ќе ги издржат притисокот и корозијата од морската вода и не е баш јасно како овие огромни блокови електроника ќе влијаат врз морскиот екосистем.
Знаеме дека секоја единица нуди доволно процесирачка моќ за 4 милиони слики во висока дефиниција на секои 30 секунди – тоа наводно е исто како 60.000 компјутери, па станува збор за моќта на 6 милиони компјутери ако бидат инсталирани 100 вакви центри.
Поставувањето на центрите под вода е резултат на партнерство меѓу кинеската влада и приватните компании и треба да биде реализирано во близина на Санја во покраината Хајнан. Секој центар е дизајниран да трае 25 години, па ќе помине некое време пред секоја од овие единици да треба да се замени.
Идејата за поставување на ваквите единици под вода не е нова и „Мајкрософт“ во 2016 година ја тестираше идејата за нивно поставување под брановите.
Извор: Science Alert

Извор