Кина го почитува суверениот статус на земјите од поранешниот Советски Сојуз, уверува Пекинг по изјавата на кинескиот амбасадор

Кина денеска даде гаранции дека го почитува „суверениот статус“ на земјите настанати од поранешниот Советски Сојуз по контроверзните изјави на нејзиниот амбасадор во Франција.

„Кина го почитува суверениот статус на републиките настанати по распадот на Советскиот Сојуз во 1991 година“, изјави за новинарите портпаролката на кинеското Министерство за надворешни работи, Мао Нинг.

Кинескиот амбасадор во Франција – Лу Шаје, на прашањето за украинската провинција Крим, која Москва ја анектираше во 2014 година, го негираше суверенитетот на поранешните советски републики.

Државите од поранешниот Советски Сојуз немаат ефективен статус во меѓународното право, бидејќи не постои меѓународен договор за одредување на нивниот статус на суверени земји, рече амбасадорот во петокот.

Неговите изјави предизвикаа револтирани реакции, а шефот на европската дипломатија Жозеп Борел ги нарече „неприфатливи“.

ЕУ може само да претпостави дека тие изјави не го претставуваат официјалниот став на Кина, рече Борел.

„Кина го почитува суверенитетот, независноста и територијалниот интегритет на сите земји и ги поддржува целите и принципите на Повелбата на ОН“, изјави денеска портпаролката на кинеското МНР.

Прочитајте и:  Македонските државјани од 30 ноември во Кина ќе патуваат без визи

Таа рече дека по распадот на Советскиот Сојуз, Кина била една од првите земји што воспоставила дипломатски односи со нив.

„Од воспоставувањето на дипломатските односи, Кина секогаш се придржуваше до принципите на меѓусебно почитување и соработка во развојот на билатералните односи на пријателство и соработка“, додаде таа.

Трите балтички држави Литванија, Летонија и Естонија денеска ќе ги повикаат на разговор кинеските амбасадори во тие земји по изјавите на кинескиот амбасадор во Франција, во кои тој го доведе во прашање суверениот статус на териториите на поранешниот Советски Сојуз.

„Трите балтички држави денеска ќе ги повикаат кинеските претставници за да побараат појаснување и да дознаат дали позицијата на Кина се променила во однос на нивната независност и да ги потсетат дека ние не сме постсоветски земји, туку земји кои беа незаконски окупирани од Советскиот Сојуз“, изјави шефот на литванската дипломатија Габриелиус Ландсбергис на маргините на состанокот на европските министри за надворешни работи во Луксембург.

МИА

- Реклама -