Кинеското Министерство за одбрана денеска соопшти дека САД треба да престанат да се мешаат во ситуацијата околу Тајван и Јужното Кинеско Море.
Министерството посочува дека продажбата на американско оружје на Тајван ја прави ситуацијата поопасна.
„Владејачката Демократска прогресивна партија во Тајван го претвора Тајван во складиште за оружје и буре барут“, изјави Ву Чен, портпарол на кинеското Министерство за одбрана.
Тој нагласи дека безбедноста на Тајван зависи од мирниот развој на односите со Пекинг, наместо од „неколку парчиња оружје произведени во САД“.
„Бараме американската страна да дејствува во согласност со нејзините зборови и да преземе конкретни чекори за да ја почитува својата обврска да не ја поддржува независноста на Тајван, да престане да го вооружува Тајван и да престане да ги поткопува основните интереси на Кина“, порача Ву.
Кина го смета Тајван за дел од својата територија, а островот, кој има своја власт, го признаа десетина земји, не вклучувајќи ги САД.
Вашингтон не ја поддржува формалната независност на Тајван, но е обврзан со неговите закони да му обезбеди на островот одбранбени ресурси.
Некои американски претставници бараат зголемена поддршка како одговор на заканите од воените вежби на Кина.
МИА