„KeyMe“ – Апликација за копирање на клучеви

Компанијата KeyMe, лансираше iPhone апликација што е способна да генерира кодирани инструкции што секој клучар може да ги разбере и да направи копија од вашиот клуч било каде во светот.

Кодираните инструкции се во форма на низа од броеви. Првата линија му кажува на клучарот со кој образец да започне, додека следната серија од броеви се однесува на тоа колку длабоко треба да бидат исечени запците на клучот.

Важно е да размислувате навременo и да направите фотографија од вашиот клуч, која ќе биде пратена во онлајн датабазата на KeyMe, пред случајно да се заклучите некаде или да го изгубите вашиот клуч.

Апликацијата и зачувувањето на кодовите се бесплатни, но KeyMe наплатува 9.99 долари за да ги повлечете информациите кога ќе ви требаат. И покрај тоа, заедно со сумата која ќе треба да ја платите на клучарот, трошоците се сепак помали во однос на тоа колку просечно наплаќаат клучарите, барем во Њујорк.

Со оваа апликација ќе можете да ги споделите инструкциите за клучот со било кој друг. Можеби нов цимер? Моментално, апликацијата е достапна само за “iOS” софтверот на Apple. „Аndroid ни е на радарот, но нема да се случи многу скоро.“- вели Грег Марш, основачот на KeyMe.

За да ја користите апликацијата, мора да го фотографирате вашиот клуч точно според инструкциите. Не можете да користите стари фотографии, што во превод би значело дека ќе треба да се зачлените со верифицирана e-mail адреса и кредитна картичка и ќе морате физички да го поседувате клучот што сакате да го копирате.

Ова не е првиот софтвер што овозможува копирање на клуч само со информациите добиени од фотографија. Истражувачите на Универзитетот во Калифорнија, во 2008-та напишаа софтвер што го прави истото и со фотографии направени на далечина дури и до 60 метри.

Бенџамин Лакстон, кој работел на софтверот како студент, вели дека не е изненаден што некој се сетил да направи комерцијален продукт со сличен софтвер. „Мораше да се случи, порано или подоцна“, вели Лакстон.

Постоењето на апликацијата KeyMe и слични на неа, не значи со сигурност дека вашите клучеви ќе бидат помалку безбедни.„Дури и пред апликацијата, беше сосема возможно било кој да направи копија од клуч, ако барем на кратко го поседува. Единствената разлика сега е што границата на безбедност е уште за малку симната.“, објаснува Лакстон.

На крајот, дури и да не ја користите KeyMe, бидете свесни за постоењето на ваквата технологија и бидете внимателни каде ги оставате вашите клучеви.
.

- Реклама -