Керамоти: Нова омилена викенд дестинација на Грците

10(31)[1]

До пред неколку години, Керамоти (417 км воздушна линија од Скопје) беше мало рибарско село, познато по тоа што од него тргнуваат траектите за соседниот остров Тасос. Во меѓувреме, туристите сфатија дека месноста во која се наоѓа гратчето е не помалку убава, а плажата – дури и неверојатна. Од неважна попатна станица, Керамоти прерасна во омилено викенд туристичко место на јужните ни соседи. Има и зошто.

Градот се наоѓа на само неколку (морски) километри од Тасос – зелените ридови на островот се гледаат од брегот. Лоциран е на неверојатно убав полуостров, создаден од водите на реката Места, која локалните ја нарекуваат Нестос (нејзиното античко име).

4(634)[1]

Најголемата атракција на Керамоти е плажата. Долга е 14 километри, а на одредени делови е широка и по 100 метри. Грците ја викаат амоглоса, што значи “песочен јазик”. Како и најубавите грчки плажи, тука дното на морето е покриено со фин песок, а длабочината му е минимална и на 100 метри од брегот.

И морската вода крие пријатни изненадувања – дури и во јануари, температурата на водата не паѓа под 14 степени, а во топлите месеци достигнува и до 30 степени. Ако ги прашате локалните, најдобро време за на море на Керамоти се мај и септември – кога не е топло, а и туристите се малку.

8(62)[1]

А и кога не се малку, во гратчето не се собираат огромни толпи. Керамоти има население од нешто повеќе од 1.200 жители, а објектите за сместување немаат капацитет да угостат повеќе од 500-600 туристи. Од една страна, тоа се должи на фактот што областа е заштитена, од друга – дека има малку хотели.

Ако планирате да го посетите Керамоти за време викенд, имајте на ум дека таму ќе сретнете и многу од нашите источни соседи – Бугарите, кои поради близината до Бугарија често ги полнат плажите на еднодневен одмор и сончачки сесии. За време на Втората светска војна гратчето на кратко ќе потпадне и во границите на Бугарија, а бугарски ќе му биде и градоначалникот. Така, денес Бугарите ќе ги сретнете насекаде во Керамоти – како туристи на плажите, како келнери во рестораните и како сопственици на апартманите за изнајмување.

9(44)[1]

Како и да е, ако ви здосади Керамоти или Бугарите, секогаш можете да скокнете до Тасос, кој се наоѓа на само 30-тина минути возење со траект. А аргументи против досадата има многу – крајбрежниот појас на Керамоти е особено живописен – прекриен со мали таверни, кафулиња, ресторани и слаткарници. Плажата кон која води може да се пофали со Сино знаме заслужено со чистотата и недопрената природа.

Устието на реката Места, пак, се наоѓа на само 4 километри од гратчето. Поради исклучително разновидната флора и фауна, таа е прогласена за една од петте најзначајни влажни зони во Европа.

12(21)[1]
Кавала

Кавала, од друга страна, ја нарекуваат малото Монте Карло, а други градови во близина на Керамоти кои заслужуваат внимание се и Филипи и Ксанти.

 

- Реклама -